Одбележување на Меѓународниот ден на мирот

Од:

По повод 21 септември – Меѓународниот ден на мирот, училиштата вклучени во проектот Мировно образование на Првата детска амбасада во светот Меѓаши ќе имаат различни активности во неколку градови во Македонија.

Според програмата на Меѓаши, учениците и наставниците од СОУ Гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес во 12 часот и 30 минути ќе излезат на Мировен марш низ улиците на градот во непосредна близина на училиштето.

Во Скопје, ученици и наставници од училиштата СУГС Гимназија „Никола Карев“, СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“ и СУГС „Арсени Јовков“ ќе тргнат од своите училишта во правец на Камениот мост каде што во 13 часот ќе се здружат и на симболичен начин ќе упатат пораки за мирот. Оваа активност е реализирана во соработка со граѓанското здружение за унапредување на културата, мултиетнички развој, образование, екологија и спорт „Нобилис“ основано од неколку професори ентузијасти.

Во подрачното училиште СУГС „Владо Тасевски“ од Скопје, каде наставата се одвива на албански наставен јазик, во работната недела ќе се одржат повеќе разговори со учениците на теми поврзани со емигрантите и хуманитарните активности.

Во СОУ Гимназија „Гостивар“ на првиот час ќе биде прочитан пригоден текст за Меѓународниот ден на мирот, а потоа учениците ќе имаат можност да разговараат на тема „Што е за мене мирот денес/како знам дека живеам во мир?“

Од денеска до петок во Дебар ќе се одржат повеќе разговори со учениците на теми поврзани со емигрантите и хуманитарните активности, а во Могорче во саботата е одржана работилница каде што се изработени различни пораки на теми поврзани со емигрантите кои потоа се залепени низ Могорче, а во петокот во ЦСНО „28 Ноември/Здравко Чочковски“ е одржана хуманитарна акција за емигрантите од Сирија.

По повод Светскиот ден на мирот, фондацијата „Уметност на живеење Македонија“, во 18.30 во детската градинка Корчагин, организира предавање за мир и мировна медитација.

Овој ден е усвоен од Обединетите нации во 2001 година како Светски ден на ненасилство и прекин на огнот насекаде во светот. Секоја година заѕвонува ѕвоно во седиштето на ОН во Њујорк, а генералниот секретар испраќа мировна порака до целиот свет. Минатата година Бан Ки Мун директно им се обрати на младите, апелирајќи тие уште од мали да се учат на почит кон вредностите и на толеранција.

Би можело да ве интересира

Сојузот на борците на Република Македонија во четврток ќе го одбележува Меѓународниот ден на мирот

Наум Локоски