Романски бизнисмени се интересираат за инвестирање во Кавадарци, соопшти денеска градоначалникот Александар Панов по враќањето на делегацијата од општина Кавадарци од неколкудневниот престо во Романија. По збратимувањето на Кавадарци со романскиот град Насауд, Панов очекува интензивирање на меѓусебната соработка во повеќе сфери.
– Збратимувањето е во рамките на проект на Европската унија. На средбата со романските бизнисмени ни беше посочено дека имаат желба да го шират бизнисот. Ние пак им укажавме на предностите од инвестирањето во Македонија и Кавадарци. Побаравме допирни точки помеѓу бизнис секторите од двете држави со цел економска соработка. Разговаравме и за соработка во областа на пбразованието, социјалната заштита… Досега со Насауд имаме реализирано два проекти финансирани од Европската унија. Во иднина планираме да аплицираме и со други проекти кои ќе бидат од областа на комуналната изградба но и бизнис секторот, појасни Панов.
Тој најави бизнис форум во Македонија на кој ќе присуствуваат македонски и романски бизнисмени. На форумот ќе се разгледаат можностите за меѓусебна соработка.