Официјален Ријад изрази задоволство од објаснувањето на САД дека постигнатиот договор со Иран околу неговата нуклеарна програма, нема да има негативен ефект врз земјите од регионот на Персискиот Залив.
Саудискиот министер за надорешни работи, Абдел ал Џубеир изјави дека неговата земја е среќна што договорот ќе придонесе за стабилност и безбедност на регионот.
Изјавата доаѓа по средбата на саудискиот крал Салман со американскиот претседател Барак Обама во Вашингтон.
Ова е прва посета на Салман на САД, откако тој во јануари дојде на саудискиот престол по смрта на неговиот претходник, кралот Абдула.
Во изјавата на саудискиот министер Ал Џубеир се вели дека Ријад се надева дека Иран ќе ја искористи можноста со укинувањето на санкциите, за сопствениот развој, а не за водење „пакосни активности“ во регинот.
Саудиска Арабија и другите земји од Персискиот Залив, стравуваат дека укинувањето на санкциите, може да му овозможи на Иран за интензивирање на дејствувањето на разните милитантни групи во овој регион и за поттикнување на дестабилизација.
Според министерот Џубеир, претседателот Обама го уверил саудискиот крал и за американските напори за надминување на хуманитарната криза во Јемен.
САД застанаа зад коалицијата на сунитските земји, предводени од Саудиска Арабија, во нивната воена интервенција против бунтовниците, шиитските Хути, како и за враќање на власт на владата во Сана, што бунтовнците ја принудија на бегство.
Посетата на кралот Салман на Вашингтон доаѓа по отворениот судир на САД и земјите од Заливот, во мај, кога Ријад одби да учествува на Самитот во Кемп Дејвид на највиско ниво, незадоволни од американските настојувања за договор со Иран и за одбивање воено да интервенираат во Сирија.