Учениците од македонските паралелки во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово ќе учат во простории кои на се личат само не на училишни, реагира ВМРО-НП.
„Веќе втора година тие деца следат настава во дисперзирани простории во некои од основните училишта во Тетово, наместо во матичниот објект, односно гимназијата ‘Кирил Пејчиновиќ’. Да не се потсетуваме на субстандардните услови кои ги чувствуваат на своја кожа тие ученици, дишејќи прав, мов, влага без основни елементи како парно греење, со години во пренаменетите бараки лоцирани во склоп на бившото медицинско училиште“, се наведува во соопштението на ВМРО-НП.
Оттаму потсетуваат дека иако било ветувано од општинските власти и од Министерството за образование дека до почетокот на учебната година ќе бидат изградени или оспособени простории во кои ќе се одвива настава на македонски јазик од тоа ветување нема ништо.
„Општинскиот комитет на ВМРО-Народна партија го прашува Општинскиот комитет на ДПМНЕ, ова ли се вашите ветувања и проекти за изградба на училишта, родителите ги интересира кога нивните деца ќе почнат да следат настава во вистински училници? Ваква ли е грижата на државата во однос на образованието?“, се додава во соопштението на ВМРО-НП.