Поетски портрет на Адонис и поетска вечер на мексиканската поезија на СВП

Од:

Поетски портрет на лауреатот на Струшките вечери на поезијата од 1997 година, сириско – либанскиот поет со светска слава Адонис, поетска вечер посветена на мексиканската поезија и „Поезија на пат“ беа дел од синоќешните активности на 54. издание на Струшките вечери на поезијата.

По осумнаесет години во поетска Струга повторно се славеше творештвото на најголемиот современ арапски поет – Адонис.

Неговиот пријател Паскал Гиновски оцени дека Адонис сосема заслужено се наоѓа на врвот на поетскиот Олимп, а неговите стихови се оттргнати од челичните стеги на традиционалната арапска поезија.

Неговата поезија, додаде Гиновски, триумфално го почна својот незапирлив поход кон сите светски меридијани, пулсирајќи со таква силина и елан, што од ден на ден од својот автор создаваат жива поетска легенда.

Промоторот на поетскиот портрет на Адонис, академикот Влада Урошевиќ посочи дека фестивалот СВП ја црпе својата сила од вербата оти поетската реч може да влијае и да ја промени човечката суштина.

– Многумина кои биле тука, на овие незаборавни фестивалски денови, со нескриено чудење се прашувале како една мала земја може да биде толку голема, за со такви незборавни свечености да ја празнува поезијата? Оваа година одбележуваме еден голем јубилеј – 50 години од востановувањето на најголемата светска награда за поетско творештво – „Златниот венец“. Најголема е заради исклучителната листа на поети кои биле наградени со неа, листа на кои се нашле, сега веќе класисците на поетската уметност од втората половина на 20- тиот и почетокот на 21-от век, посочи Урошевиќ.

Пред интернационалната публика во поетска Струга четворицата мексикански поети, Марио Бохоркес, Али Калдерон, Михаил Ламас и Хавиер Гутиерез Лозано ја претставија антологијата на современата мексиканска поезија „Златни нишки“, како и дел од своето творештво. Во антологијата се претставени различни сензибилитети на поети чие творештво се протега повеќе од половина век. Преку антологијата се воспоставува цврста и длабока врска со традицијата, културата и духот на Мексико, со што се обележува најзначајната мексиканска поезија на ова време.

Али Калдерон еден од двајцата приредувачи на антологијата, која е почеток на плодотворна соработка меѓу Струшките вечери на поезијата и Интернационалниот поетски фестивал во „Којоакан“ во Мексико Сити говореше за поезијата на Октавио Пас.

– Октавио Пас беше еден од најголемите поетски генијалци во светот на 20 век. Тој му покажува на светот начин како да се пишува модерна поезија. Да се биде модерен значи да се даде одговор на најважните прашања во ова модерно време. Прашањето е, што сакам да кажам, кога ќе кажам јас. Поезијата по Октавио Пас ја покажува длабочината, го покажува културализмот, суштината и вистинитоста, рече Калдерон.

Година во рамките на СВП почна да се реализира „Поезијата на пат“, односно истовремено се читаше поезија во Струга, Охрид, Битола, Ресен и Скопје. Поетите имаа можност да посетат културно – историски споменици, да се запознаат со знаменитостите, културата, но и да вкусат специјалитети карактеристични за градот.

Портрети ќе имаат поетите Јусеф Комунјака и Суџата Бхат, а предавање ќе одржи директорот на фестивалот на поетски филмови „Зебра“, Томас Волфарт од Германија.

Би можело да ве интересира

Охридскиот архив почнува со дигитализација на документацијата на „Струшките вечери на поезијата“

Ана Ололовска

Објавен конкурсот за Меѓународната награда „Мостови на Струга“ за 2022 година на СВП и УНЕСКО

Ана Ололовска

Објавен конкурсот за Меѓународната награда „Мостови на Струга“ на СВП за 2021 година

Ана Ололовска

„Струшки вечери на поезијата“ дел од „Фестивалот на надежта“ на платформата Версополис

Ана Ололовска

Израелскиот поет Амир Ор е добитник на наградата „Златен венец“ на СВП за 2020 година

Ана Ололовска

Струга ги испрати своите гости, завршува 58-то издание на СВП

Ана Ололовска