На летната сцена на Домот на поезијата во Струга вечер ќе бидат проектирани поетски филмови, во рамки на неформалниот дел од програмата на 54. Струшки вечери на поезијата, чиј официјален дел ќе се одржи од среда до недела.
Проекцијата на филмовите е во соработка со Фестивалот на поетски филмови „Зебра“ од Берлин.
Публиката синоќа имаше можност да го гледа документарниот филм „Звуците на Ариранг“ посветен на добитникот на Златниот венец за 2014 година, корејскиот поет Ко Ун.
Официјалната фестивалска програма ќе почне в среда со традиционалното засадување дрвце во Паркот на поезијата, во чест на лауреатот, кинескиот поет Беи Дао, читање на Константиновата Т`га за југ, а годинава поетско послание ќе има познатиот сириско-либански поет со светска слава Адонис, кој ќе се обрати во име на сите поети учесници и лауреати на Златниот венец кој годинава одбележува 50 години.
На 54. издание на Струшките вечери на поезијата ќе учествуваат над 40 поети од повеќе од 25 земји во светот, кои покрај вообичаените поетски читања во Струга и Охрид, годинава првпат ќе имаат можност својата поезија да ја претстават и во Ресен, Битола и Скопје. На фстивалот ќе учествуваат познати имиња во современиот поетски свет од Шпанија, Шведска, Индија, Германија, Норвешка, Австралија, Чиле, Јапонија, Израел, Словачка, Русија, САД, Либан, Мексико, Молдавија…
Покрај годинашниот лауреат кинескиот поет Беи Дао меѓу учесниците се и Јусуф Комуњака од САД – добитник на Пулицерова награда и Адонис, кој е лауреат на СВП од 1997.
Новина годинава се и поетските портрети, каде неколку значајни имиња ќе се претстават со поетско читање, но и со нивно претставување.
Традиционално на затворањето на манифестацијата „Мостови“ ќе бидат врачени наградите „Златен венец“ на кинескиот лауреат Беи Дао, „Мостови на Струга“ – за дебитантска поетска книга на млад странски автор на Паула Бозалонго од Шпанија и на македонскиот поет кој ќе ја добие наградата „Браќа Миладиновци“.