Странски фондови ќе бараат нафта во Македонија. Исто така и злато, бакар, минерали, рудни богатства – ќе се утврдува длабински со какви природни ресурси располага земјава.
Порталот ФАКТОР.МК дојде до анализите и пресметките кои покажуваат оти било утврдено дека за реализација на проектот потребни се 7 милиони евра – пари што министерството за економија ќе се обиде да ги обезбеди преку странски фондови.
Според неофицијалните информации, како најсериозен инвеститор на овој проект се споменува името на најбогатиот човек на светот, Мексиканецот Карлос Слим.
Слим, кој неодамна беше во земјава пројавил интерес да го финансира проектот преку една од неговите компании што се занимаваат токму со овој бизнис. Извори за ФАКТОР тврдат дека веќе се договара и средба со мексиканецот. Најверојатно, владина делегација од земјава, предводена од министерството за економија до крајот на годинава ќе замине во Мексико на средба со Карлос Слим, да се договорат деталите за длабинскиот геолошки скен врз Македонија.
Сепак, иако засега никој не ја потврдува ваквата информација, извори за ФАКТОР тврдат дека , службите во Министерството за економија ја подготвуваат иницијативата, што како предлог треба да се достави пред министрите на седница на Владата. А, за оваа идеја веќе биле запознаени и владини функционери на највисоко ниво, расположение постои, но се очекува заокружување на финансиската конструкција.
Инаку, во 2009 година, компанија од Романија во Македонија направила анализа на постојната документација од поранешните геолошки истражувања по што е изготвен и проект за понатамошни истражувања. Романците на Владата и сугерираат повторно да се отпочне со испитувања за нафта или гас во Овче Поле и Тиквеш локации кои според нив се сметаат за најважни во Вардарската зона.
„И во случај на најпесимистичката опција, односно да не се најде нафта, сепак, овој проект ќе има резултат , бидејќи ќе се утврдат природните ресурси со кои располага државата “, велат влaдини извори за ФАКТОР.
Такво нешто, практично никогаш не е направено на целата територија и сега ќе даде одличен приказ за можностите за идни инвестиции.