Додека среде политичка криза Владата најавува нови и потсeтува на веќе договорените странски инвестиции, сумирајќи колку вработени има или допрва ќе се вработат, податоците за реалната состојба со странските инвестиции не навестуваат оптимизам.
Имено, новите податоци на Народната Банка откриваат дека во првите три месеци од годинава во земјава влегле странски инвестиции од 68 милиони евра, што е драматично помалку во однос на состојбата од лани, истиот период. Дел од бизнисмените велат дека поради политичката криза годинава нема да бидат засенети само странските, туку и домашните инвеститори кои долги години наназат упатуваат забалешки за повластениот третман на странските во однос на домашните бизниси.
Големи бенефиции – слаб ефект…
Заклучно со првиот квартал од годинава, вредноста на странските директни инвестиции во Македонија изнесувала 68,8 милиони евра што е за скоро 40 милиони евра помалку во однос на инвестициите што се оствариле лани во истиот тримесечен период. Имено, во 2014-та година, во периодот од јануари до крајот на март во Македонија влегле инвестиции во вредност од речсиси 109 милиони евра.
Ланската година завршила со салдо на странски инвестиции од 278 милиони евра или 3,3% од од Бруто домашниот производ. Официјалните податоци на Народната Банка покажуваат дека во изминатите години кога е регистрирана засилена владина кампања за привлекување на инвеститори од странство и кога се направија серија на законски измени со кои се овозможуваат различни даночни и царински поволности за нив, но и се обезбедуваат директни субвенции од Буџетот, вредноста на странските инвестиции како процент од БДП тешко се зголемува.
Имено, највисоко салдо на странски инвестиции од скоро 507 милиони евра е измерено во 2007 ма та година, кога инвестициите достигнале 8,3% од БДП. Оттогаш до сега нивнот ниво се намалува. Така, во 2009 та и 2010 та година тие изнесуваат околу 2% од БДП, благо зголемување има во 2001 та година на 4,6% од БДП и потоа повторно пад, во 2012 та година салдо на странски инвестиции од 117,3 милиони евра или 1,5% од БДП. Следнате 2013 та година и 2014 та година инвестициите се движат околу 270 милиони евра или 3,3 % од БДП.
Овие показатели според дел од економистите се очекувани во состојба кога Владата од една страна ги истакнува придобивките од странските инвеститори но од друга страна не открива колку пари во форма на државни субвенции им дала за да отворат фабрики и нови работни места. Дополнително, велат економистите тука е поволностите што инвеститорите ги добиваат во форма на царински и даночни олеснувања.
„Во моментов македонската економија регистрира силни загуби како резултат на инвестициите кои ги направи во тие економски зони, како резултат на ослободувањата кои им ги даде на компаниите во тие економски зони“, изјави универзитетскиот прфесор Крсте Шајноски.
Според податоците што се достапни преку Буџетот, за пет години преку ставката “Поддршка на инвестиционите вложувања“ во Агенцијата за странски инвестиции се потрошени 12,3 милиони евра. Во исто време, законската регулатива предвидува и директна парична помош за компанија која ќе изгради фабрика во некоја од Слободните економски зони во висина од 100.000 до 500.000 евра во зависност од вредноста на инвестицијата или креирањето нови работни места. Од друга страна, Владата само за инфраструктурна подготовка на слободните економски зони, во последните пет години, вклучувајќи ги парите и за годинава, потрошила скоро 40 милиони евра.
Деновиве од Владата најавија дека наскоро се очекува почеток на работата во шест нови странски фабрики кои во иднина ќе отвореле 2 500 нови работни места.
„Со отворањето на гринфилд капацитетите на новите инвеститори ќе дојде до значително зголемување на бројот на вработени лица кои ќе бидат ангажирање во рамките на компаниите, а освен тоа ќе има и позитивни придвижувања во макроекономскиот развој, особено во зголемувањето на извозот“, изјави портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.
Економистите велат дека ефектите од странските директни иневстиции не треба да се анализираат само еднострано, како одрза врз вработувањата и извозот, туку треба да се земат предвид и трошоците кои ги има државата за привлекување на странски капитал. Дополнително, според аналитичарите треба да се елиминираат и сите облици на дискриминација на домашните во однос на странските инвеститори.
„Новата Влада треба да воспостави нов развоен систем во кој ќе ги постави на здрави темели пазарните односи и односот на државата кон пазарните односи. Значи не треба да се радуваме ние државата да ни даде, треба да се радуваме државата да создаде клима ние сами да си обезбедиме. Мислам дека сосема погрешна тезата да бараме и во иднина да биде квалитет да се вработиме во администрацијата. Никаде во нормалниот свет луѓето не сакаат да работат во администрација, нема ништо подобро од тоа да работите во приватен бизнис, доколку бизнис климата е каква што треба“, вели професорот Шајноски.
Сепак, ниту странските инвестиции нема да бидата поштедени од последиците поради политичко-безбедносната криза. Според оценките на Народната Банка и на дел од аналитичарите, токму инвестициите ќе бидат меѓу првите на удар – преку воздржување или одложување на одлуките за вложување во нови капацитети и отворање на нови работни места.
Анализа на Порталб