Од ВМРО-ДПМНЕ треба да биде исклучен тој што лажеше дека нема да се пазари за хашките случаи, а сите слушнавме дека го направил тоа, порачува Форумот на слободоумни патриоти (ФСП) во својата реакција после вчера објавените снимки за договорањата што побрзо да се изгласа амнестијата за тие што вршеле воени злосторства.
„Форумот на слободоумни патриоти е згрозен од манипулацијата и лажниот патриотизам кој го пропагира Никола Груевски, наспроти кукавички изведеното сценарио за амнестија на „Хашките случаи“. Форумот го поставува прашањето кој навистина треба да биде исклучен од ВМРО-ДПМНЕ, особено сега кога паднаа маските на патриотизмот. Во овој момент треба да потсетиме дека токму тој ги излажа роднините на убиените и киднапираните во 2001 година, кои очајни, јавно се прашуваа и изјавија: „Како ќе не погледне премиерот Никола Груевски во очи и како ќе има образ да ни објасни. Ни ветуваше дека никогаш нема да се пазари за хашките случаеви и дека тие се во надлежност на судот и со никаков политички договор нема да дозволи да бидат амнестирани убијците на нашите најмили“ (цитат – транскрипти од пратенички прашања од 25 ноември 2011)“, се вели во соопштението од ФСП.
Форумот вели дека сега е веќе јасно кој стои зад погазувањето на меѓународното право и човечноста, исто како што е јасно дека Груевски постојано се крие од одговорноста злоупотребувајќи ги Собранието.
„Второ, очигледно е дека Собранието на РМ, Груевски постојано го искористува за свое затскривање и амнестирање од било каква одговорност. Потсетуваме дека во 2011 година изјави дека „како премиер, јас морам да се согласам со одлуката на Парламентот која беше заради цели кои парламентот ги образложил“. Сега, за наша среќа или несреќа, кога целосно паднаа маските, директно слушнавме дека токму тој стои зад манипулацијата за погазување на меѓународното право и човечноста, ослободувањето на лицата кои ги режеа грбовите на македонските работници“, вели Форумот на слободоумни патриоти.
Во соопштението се вели дека со најновата „бомба“ уште појасно станува колкава е всушност контролата на режимот врз судството.
„Трето, како што излажа дека „Никогаш не сум се пазарел за хашките случаи, тоа се судски случаи“, Груевски со години ја манипулира јавноста дека нема никакво влијание врз судовите, а сега е јасно дека токму тој во затвор и притвор држи политички затвореници, мајки и татковци на малолетни деца, бремени жени и болни лица. На ист начин како што манипулираше со судиите и пратениците во „хашките случаи“, го држи во заложништво судството за да преку него се пресмета со неистомислениците и тие што би можеле да се борат за вистината.
Форумот потсетува дека класичен пример на „Пуч“, за упад на една во друга власт, на извршната власт врз судската власт е апсењето на десетина судии за прекршоци, како јавна демонстрација на сила и заплашување, непочитувањето на имунитет и процедура, презумција на невиност и достоинство. Токму преку овој чин на суспендирање и манипулација со судството Груевски ја покажа својата бескрупулозност. Затоа Форумот во иднина се ќе стори да го заштити и рехабилитира правосудството од ваквите опасни и самоволни постапувања“, порачува ФСП.
Од оваа иницијатива велат дека со години во Македонија владее целосна негрижа за меѓуетничките односи.
„Четврто, сосема јасно е дека во Македонија, во изминативе години, не се води стабилна политика на добри меѓуетнички односи. Напротив, меѓуетничките односи по потреба се влошуваат и користат за дневно политички маниулации, а од друга страна, како што слушнавме, се прават политички пазари против примената на меѓународното право и човечноста, а ништо чудно да излезат и други слични „пазари“ или примена на двојни аршини. Предупредуваме дека во некоја идна ситуација, со ваквите кусогледи и манипулативни политика или слични случаи на повреда на правото, може да дојде до експлозија на меѓуетничка нетрпеливост“, порачува Форумот на слободоумни патриоти.