Компанијата „Арчелор Митал“ Скопје инвестираше 3,5 милиони евра во печка за поцинкување со која ќе обезбеди производи со највисок квалитет според потребите на пазарот.
Инвестицијата ја поздравија министрите за привлекување странски инвестиции и за животна средина и просторно планирање Веле Самак и Абдилаќим Адеми.
Според Самак, во време кога на повидок е нова економска несигурност и сите економски вести од западна Европа во глобала се негативни и најавуваат потешки времиња, фирмите кои се добро подготвени ги гледаат можностите и потенцијалите за раст.
– Стабилноста на западна Европа е негативно споредена со ваквата економска криза, но, во исто време, регионот на Југоусточна Европа, во кој се наоѓа и Македонија сеуште има голем потанцијал и можност за раст, рече Самак.
Тој посочи дека Владата ќе настојува постојано да наоѓа решенија и колку што е во можност да има контрола над некој од факторите за справување со кризата од аспект на регулативата, финансиите кои директно ги погодуваат фирмите, но и заштита на работниците во целиот тој процес.
Од аспект на заштита на животната средина, министерот Адеми оцени дека досега се постигнати одлични резултати со инсталацијата, која врши редовен мониторинг на емисиите во воздухот и редовно доставува податоци за измерените емисии до Министерството за животна средина и просторно планирање.
– Во таа насока е и оваа инвестиција од 3,5 милиони евра, со која е реконструирана и целосно автоматизирана линијата за поцинкување со цел добивање поефикасна технолошка постапка, зголемена енергетска ефикасност и зголемена продуктивност за 50 отсто. Инвестицијата ќе овозможи редуцирани емисии на загадувачки супстанции во воздухот, и нивен контиуниран мониторинг, посочи Адеми.
Тој информира дека „Арчелор Митал“ до Министерство има поднесено барање за добивање А – дозвола за усогласување со оперативен план. Постапката е започната и во тек е подготовка на Нацрт дозвола.
Реконструираната и целосно автоматизирана линија за поцинкување ќе овозможи поефикасна технолошка постапка, зголемена енергетска ефикасност и зголемена продуктивност, редуцирани емисии на загадувачки супстанции во воздухот и нивен постојан мониторинг.
„Арчелор Митал“ е водечка компанија за производство на челик во светот и во рударската индустрија, со присуство во повеќе од 60 земји во светот.