Поранешната Мис на Шведска и „секс божица“ на шеесетите години на 20-от век, Анита Екберг, почина во Рим на 83-годишна возраст.
Екберг се прослави настапувајќи во култниот филм од 1960 година, „Слаткиот живот“ на прославениот италијански режисер Федерико Фелини.
За „божица на сексот“ беше прогласена по сцената од филмот, кога заедно со својот партнер Марчело Мастројани, шета низ водата во римската фонтана Де Треви во фустан без прерамки и со раскошно деколте, истакнувајќи ги нејзините бујни гради.
Веста за смрта ја соопшти нејзиниот адвокат, откривајќи дека Екберг починала во една болница во Рим, каде била префрлена по влошувањето на нејзината здравствена состојба.
Таа последните години ги помина во инвалидска количка, откако во еден инцидент го скрши колкот.
Екберг е родена во Малме во 1931 година како шесто од вкупно осумте деца во нејзиното работничко семејство. На 20-годишна возраст победува на изборот за Мис во Шведска, а следната година заминува во САД за да учествува во натпреварот за најубавата жена во светот.
Не успеава да победи, но е ангажирана од холивидската филмска компанија „Универзал“ која со младата Швеѓанка потпишува договор. Веднаш ја испраќаат во Рим за да учествува во снимањето на филмската верзија на романот „Војна и мир“ на Лав Толстој.
Таму го запознава Фелини, кој од неа ќе направи филмска ѕвезда, а сцената во фонтаната во Рим ќе остане незаборавна во европската и светската кинематографија.
– Сцената ја снимавме во март во раните утрински часови по студено време, па јас се смрзнував. Мораа да ме извлекуваат од водата, бидејќи не си ги чувствував нозете, призна Екберг во 2005 година во едно интервју за Шведското радио.
Фелини ја ангажираше и за својот филм „Бокачо 70“, а таа сними и уште десетина други филмови во Европа и во Холивид, но остана најмногу запаметена по својата улога во „Долче Вита“.