По повод Христово раѓање-Божик, во многу македонски домови внесена е божиќната атмосфера, благодарение на преубавите божиќни пештери изработени од вредните и тродољубиви сестри од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ од дебарското село Рајчица.
Со благослов на игуменот на Бигорскиот манастир,архимандрит Партениј, Раичкото сестринство, поттикнато од желбата да ја внесе божиќната атмосфера во православните домови, се погрижи да изготви Божиќни пештери и така да одговори на големиот интерес на верниците за вакви божиќни украси.
– Пештерите се направени од различни прикладни материјали, уникатно украсени и збогатени со иконата на Рождеството Христово и со кандилце. Претставуваат прекрасно надополнување на Божиќното дрвце, во духот на нашата православна традиција, вели сестра Харитина од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ кој се наоѓа на околу два километра оддалеченост од градот, на десната страна од патниот правец Дебар-Маврово.
Божик, додава таа, е време кога треба да се потсетиме на најголемиот дар на Бога за целото човештво, најголемиот израз на Неговата љубов – раѓањето Негово од Дева, заради спасението на светот.
– Затоа сѐ на Божик треба да потсетува на тој спасителен за нас миг. Тогаш и домовите наши треба да го носат ликот на Витлеемската пештера, за со својот празничен амбиент да ја раскажуваат таа чудесна Божикна приказна за Божественото Дете, кое дојде кај нас и ни ги донесе мирот, радоста, лубовта, велат сестрите кои и понатаму изработуваат божиќни пештери поради големиот интерес.
Со голема љубов кон Бога,трпение и молитви за мир и благостојба сестрите изработиле околу 200 мали и дест големи пештери, кои красат многу домови, цркви,но и просториите на компании и фирми.
Една од големите украсни пештери од саботата се наоѓа на плоштадот во Охрид и на која и се восхитуваат охриѓани и туристите. Пештерата е за Бадниковата поворка која во Охрид се одржува вторпат и на плоштадот ќе остане до Водици.