Најмалку двајца полицајци се убиени, а тројца повредени во вооружен напад на погранична патрола на границата меѓу Саудиска Арабија и Ирак, соопшти саудиското Mинистерство за внатрешни работи.
Нападот се случил изутринава во близина на Арара, главниот град на најсеверната провинција во земјата на границата со Ирак, пренесува Танјуг.
Инцидентот се случил откако вооружена група отворила оган врз патрола, на што граничната полиција одговорила. Еден од напаѓачите активирал експлозивна направа и се самоубил. Во престрелката е убиен еден напаѓач.
Засега не се познати причините за нападот и сторителите.
Саудиска Арабија се придружи на коалицијата предводена од САД против екстремистичката група Исламска држава и заедно со Јордан, Бахреин и Обединети Арапски Емирати, учествува во воздушни напади во Сирија со логистичка поддршка на Катар.