Британската актерка Хелена Бонам Картер и режисерот Тим Бартон се разделија, прекинувајќи го своето 13 годишно партнерство, што во Холивуд важеше за едно од најблескавите.
Од оваа врска тие имаат две деца, но Бонам Картер и Бартон никогаш не се венчаа.
Претставник на актерката изјави дека тие се разделиле уште многу порано оваа година, но дека останале пријатели во интерес на децата.
Врската на оваа артистичко-режисерска двојка беше означувана како „блескава“ поради нивните заеднички уметнички достигнувања во филмската продукција, како и поради нивниот крајно неконвенционален начин на живот.
Тие заедно произведоа шест успешни филмски продукции, но таа пред крајот на минатата година изјави дека можеби повеќе нема да работат заедно, затоа што на Бартон „му се лошело“ од неа. Сето тоа беше прикажано како шега, но сега се гледа дека таквата „шеговита“ забелешка била најава за подлабока криза во нивната врска.
Бонам Картер (48) има изјавено дека таа и Бартон (56) можеби делуваат како „откачена двојка“, но дека се заедно и остануваат еден покрај друг ,иако живеат во две одделни куќи во квартот Белсајз во северен Лондон.
Таа во една прилика објаснуваше дека нејзината куќа била премалечка за да живеат заедно, а дека не сакала да се пресели кај Бартон. Освен тоа тој грчел кога спие, па поради тоа се согласиле да живеат заедно-разделени.
Претставникот, кој ја обелодени разделбата на двојката, ги отфрли тврдењата дека Бартон имал љубовна афера и дека ја мамел Бонам Картер.
Тие двајцата еднаш беа гости во летната резиденција на британскиот премиер Дејвид Камерон и на неговата сопруга Саманта. Подоцна Хелен Бонам Картер го опиша премиерот како човек кој „не личи на десничар“.