Исклучителна чест ми е да бидам дел од една таква прекрасна церемонија, изјави новиот кум на Водици за 2015 година во Охрид Жељко Јокимовиќ.
Официјалната одлука донесена денеска ја објави Здружението на граѓани за целокупна афирмација на МПЦ „Богојавление“ за прифаќање на апликациите на Јоксимовиќ и Зоран Милески од Кичево за кумството за Водици 2015 година.
Љубен Арнаудов, претседател на Здружението на граѓани „Богојавление“ што повеќе од една деценија ја организира верско-народната манифестација по повод празникот, истакна дека со изборот на новите кумови се реализира намерата на Здружението за проширување на манифестацијата надвор од Охрид, како и за нејзино омасовување со тоа што ќе привлече што поголем број, како верници, така и туристи во градот.
Ланскиот и се уште актуелен кум на Водици, градоначалникот Никола Бакрачески, честитајќи им го кумството на Милески и Јоксимовиќ, истакна дека Богојавление – Водици како православен празник и симбол на радоста на граѓаните на Охрид, со изборот на познати личности за кумови добива пошироки димензии.
Изминатите неколку години Здружението „Богојавление“ и локалната самоуправа преземаа активности за омасовување на празнувањето, надминување на границите на градот Охрид и Македонија и на накој начин го претворија во своевидна атракција со која се збогатува туристичката понуда на Охрид.
Овој празник стана еден од препознативлите обележја на Охрид, атрактивен за голем број гости и туристи, на регионално ниво па дури и во светски рамки, истакна Бакрачески.