Македонскиот шампион Бадел вечер од 19 часот во малата сала на СРЦ „Кале“ во Скопје, ќе го одигра четвртиот натпревар во дебитантската сезона во женската Јадранска лига. Противник на скопскиот состав е силниот Челик.
И покрај тоа што Бадел и натаму е во очекување на првиот триумф во силното меѓународно натпреварување и по три средби, евидентен е напредокот во играта на секој нареден натпревар на избраничките на Перо Стамески.
Противник на македонскиот тим во својот состав има повеќе високи кошаркарки и според досега прикажаното, предводен од искусната Јасмина Биговиќ повторно ќе ја бара својата предност низ игра под кошевите.
– Челик е одлична екипа која е добро покриена со квалитетни кошаркарки на сите позиции. Тесниот пораз во минатото коло ќе им даде дополнителен мотив да одиграат максимално против нас и да се обидат да ги надополнат загубените бодови. Со оглед на нашето неискуство, а и недостатокот на високи кошаркарки, претставникот на Босна и Херцеговина доаѓа во Скопје од позиција на фаворит, но тоа не значи дека ние планираме да се предадеме. Напротив, нашата форма расте од натпревар во натпревар, самодовербата кај кошаркарките исто така е во нагорна линија, а со поддршка од домашната публика и максимален ангажман на целиот тим, верувам дека имаме можност да направиме изненадување и да стигнеме до првата победа, вели тренерот на Бадел, Перо Стамески.
Покрај средбата Бадел – Челик, во рамки на шестото коло од женската Јадранска лига во 4.коло ќе се сретнат уште Венеција – Триглав, Будуќност – Партизан и Радивој Кораќ – Гросбаскет.