Раскошен њујоршки стан во кој холивудската икона, Лорен Бекол помина повеќе од 50 години се продава за 26 милиони долари.
Простран стан, со поглед на Централ парк, сместен е во познататата зграда Дакота од 1884 година. Има три спални соби, библиотека, огромна дневна соба, трпезарија, три бањи, неколку гардеробери, сушална и голема кујна.
Бекол, една од ѕвездите на златното време на Холивуд, најпозната по филмовите и бракот со Хемфри Богарт, живееше во тој стан од 1960 година до нејзината смрт, минатиот август.
Фотографиите покажуваат дека актерката, која почина на 89 години, имала сочувано многу оригинални делови од станот, како што се каминот, вратата од махагони и подот од скапоцено тврдо дрво.
Дакота, една од најзнаменитите сранбени згради во Њујорк, во текот на годините беше дом на голем број филмски и музички ѕвезди, меѓу кои е и поранешниот Битлс, Џон Ленон кој беше убиен пред неговиот влез во 1980 година.
Бекол со децении беше една од главните актерки на Холивуд. Славата ја стекна на 19 години со улогата во филмот „Да се има и да се нема“ (1944) каде играше со тогаш 45-годишнниот Богарт, за кого се омажи една година подоцна.
Во Њујорк се пресели после смртна на Богарт во 1957 година. Во Дакота живееше со нејзиниот втор сопруг Џејсон Робертс. Таа остана таму и кога се развеле во 1969 година.