Актуелниот македонски шампион во женска конкуренција, тимот на Бадел, денеска ќе го одигра третиот натпревар во дебитантската сезона во Јадранска Лига. Противник е словенечкиот Атлете Целје, тимот кој засега го држи врвот на табелата без пораз.
Екипата од Словенија оствари три убедливи победи во првите три средби, против Гросбаскет, Радивој Кораќ и Трешњевка и со голема фаворитска улога влегува во овој дуел.
-Атлете Целје има најдобар учинок во досегашниот тек на лигата и максималниот број на бодови не е случаен. Тоа е искусна и квалитетна екипа, која е апсолутен фаворит во утрешниот меч. Ние ќе дадеме се од себе да одиграме најдобро што знаеме и верувам дека ќе бидеме достоен противник и ќе се покажеме во најдобро светло пред домашната публика. Како што и порано имам кажано, овој натпревар како и секој друг во лигата, претставува можност за наш напредок, за собирање на важно искуство и за прогрес како на клубот така и на македонската кошарка, изјави тренерот на Бадел, Перо Стамески.
Натпреварот Бадел – Атлете Целје ќе почне во 19 во малата сала на СРЦ Кале.
Покрај оваа средба, уште три други од четвртото коло во АБА лигата ќе се одиграат утре, а ќе се сретнат Медвешчак – Плеј Оф, Рејер Венеција – Партизан и Трешњевка – Челик.