Војводката од Кембриџ, Кетрин Мидлтон, треба да се породи во април идната година,соопшти денеска Кенсингтон Палатата во Лондон.
Ова е првпат, службено да се потврди датумот на породувањето и времето кога војводата и војводката од Кембриџ, прицот Вилијам и Кетрин Мидлтон ќе го добијат своето второ дете.
Во соопштението од Палатата, која е службена резиденција на војводата и војвотката, се вели дека Мидлтон и понатаму има проблеми со силното утринско гадење, но лекарите тврдат дека нејзината здравствена положба по забременувањето значително се подобрува.
Кејт Мидлтон денеска првпат се појави во јавноста, по соопштувањето на бременоста, во септември. Таа ќе го придружува својот сопруг, принцот Вилијам, на службениот пречек на претседателот на Сингапур, Тони Тан кој пристигна во посета на Велика Британија.
Второто дете на Вилијам и Кетрин, ќе биде четвртиот по ред меѓу претендентите на британскиот престол, по престолонаследникот Чарлс, принцот Вилијам, како негов најстар син и по првото дете на војводата и војводката од Кембриџ, малиот принц Џорџ, кој се роди во јули минатата година.
Како петти во редот на претедентите на тронот, е помладиот брат на Вилијам, принцот Хари,вторит син на престолонаследникот Чарлс.