Општина Крива Паланка активно се вклучи во одбележувањето на традиционалните европски акции од масовен карактер „22 Септември – Ден без автомобили“ и „Европската недела на мобилност 2014“.
Локалната самоуправа на општината ја затвори за сообраќај главната улица во градот „Св.Јоаким Осогвоски“ на потегот од поранешниот Дом на АРМ до клучката со магистралниот пат на излезот од градот, а низ улицата се реализираше парадно движење на над 200 велосипедисти.
– Апелиравме до Кривопаланчани да се воздржат од користење автомобили денес и доколку се во можност да се вклучат во велосипедската парада. На парадното возење се приклучија над 200 дечиња од основните и средното улиште во Крива Паланка, а возеа рута со појдовна точка од периферниот дел на градот, во централното градско подрачје, преку спортскиот комплекс , каде се префрлија на ролерско-велосипедската патека во кејот на Крива Река, од каде повторно се вратија на стартната точка, изјави градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.
Тој потенцираше дека со ова активност се упатува силна порака дека автомобилите треба да се употребуваат одговорно, само по потреба и за подолги релации.
– Во урбаните средини треба што почесто да се користат предностите на современиот урбан начин на живеење, притоа водејќи сметка за заштита на животната средина и намалување на загадувањето, кое е најизразено со издувните гасови од возилата. Денешната акција започна во симболичен термин „пет до дванаесет“ со цел да укажеме дека е дојдено крајно време да превземеме мерки за заштита на животната средина, пред се на воздухот, без кој нема живот, додаде Алексовски.
Со парадното велосипедско движење Кривопаланчани го одбележаа денешниот „Ден без автомобили“.
За одбележување на „Европската недела на мобилност 2014“ локалната самоуправа на општината и Јавното претпријатие „Комуналец“ од Крива Паланка извршија чистење и уредување на пешачките и велосипедските патеки, општинските службеници извршија увид на состојбите на постоечките тротоари, велосипедски патеки за лица со попреченост со согледување на локации за изградба на нови патеки од ваков вид.
Од локаланата самоуправа на општина Крива Паланка информираа дека извршен е увид и во вертикалната и хоризонтална сообраќајна сигнализација , а остварени биле и средби со граѓани, претставници на граѓански здруженија и засегнати страни од областа на животната средина со цел планирање на урбаното движење и живеење.