Премиерот Никола Груевски од денеска ќе престојува во неколкудневна економска работна посета на Велика Британија. Во владиниот економски тим се и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Виктор Мизо.
Премиерот Груевски заедно со владиниот тим во Ливерпул ќе присуствува на „Глобалниот економски форум 2014“ кој што се одржува во Ливерпул Велика Британија како дел од програмата на глобалниот економски настан „Интернационален фестивал за бизнис“. Ваквиот форум е прилика за размена на искуства за актуелните економски предизвици, како и за можностите кои се ставаат на располагање за продлабочена економска соработка.
Во рамки на посебната сесија посветена на темата за раст на пазарите на земјите во развој и нивното влијание врз Европа како и за можностите за бизнис кои се нудат под влијание на неодамнешната криза, свое обраќање ќе има и вицепремиерот Ставрески при што ќе го пренесе македонското искуство од оваа област.
Како дел од редовната програма на Глобалниот економски форум 2014, во соработка со групацијата „Фајненшл Тајмс“ ќе се одржи и Инвестициски форум посветен на Република Македонија каде владиниот тим предводен од премиерот Груевски ќе елаборира за можностите за правење бизнис и инвестиции во Република Македонија, како и за можностите за соработка на британските и меѓународните бизниси и нивно инвестирање во Македонија.
Можноста за преставување на инвестициските потенцијали на државата е особено важна бидејќи овие денови Ливерпул е градот кој е во центарот на вниманието на светската економска јавност одржувајќи го Интернационалниот фестивал за бизнис, во чии рамки се и тековните настани каде ќе присуствува и премиерот Груевски. Интернационалниот фестивал за бизнис медиумите во Велика Британија го оценија како најголемиот бизнис настан кој се одржува во последните 50 години кој е дел од заложбите на британската влада за интензивирање на економската соработка и удвојување на економската размена. Овој настан, во чии рамки се одржува и Глобалниот економски форум 2014 трае 50 дена во јуни и јули и ја содржи најголемата концентрација на бизнис настани во 2014 година. Бизнис собирот е дел од заложбата на владата на Велика Британија за раст на интернационалните пазари и преставување на бизнис можностите на различните држави од целиот свет. Во рамките на ова бизнис случување ќе се одржат 100 различни настани и се очекуваат над 250 илјади посетители за период од два месеци и бизнис преставници од 125 држави.
Интернационалниот фестивал за бизнис е поддржан и финансиран од Владата на Велика Британија. На нејзиното отворање беше присутен премиерот Дејвид Камерун кој истакна дека ова е најголемото прикажување на британскиот бизнис од 1951 година.
– Тоа е излог каде може да се видат претпријатијата, прикажување на иновации, креативност. И јас би сакал да ја видам изложбената хала и како што претходно слушав, да ги видам сите тие работи кој бизнисот има да ги понуди, истакна Камерун. Партнери на глобалниот економски настан се и Си Ен Ен, Фанејшл Тајмс, фирми како Сименс, Ленд Ровер, Јагуар, Тошиба, Братанската комора, Лондонската берза, Министерството за бизнис, иновации и вештини и други. Глобалниот економски форум се одржува од 16 до 18 јуни како составен дел од содржините на овој бизнис фестивал.
Во рамките на престојот премиерот Груевски се очекува да посети и повеќе медицински центри во Велика Британија каде ќе се разгледат можностите за остварување соработка и размена на медицински персонал и негова обука.