Му се закануваат три години затвор на градоначалникот на Белград – и ги скрши носот и вилицата на опозициска советничка

Од:

Обвинителството во Белград поднесе обвинителен акт до Третиот основен суд против градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, функционер на Српската напредна странка, и побара тој да биде осуден на најмалку три години затвор поради сомнение дека ѝ нанесе тешки телесни повреди на Татјана Мичиќ, советничка од опозициското движење „Крени-Промени“.

Според Обвинителството, инцидентот се случи на 28 септември оваа година, околу 21:15 часот, во Нов Белград.

По кратка расправија, Шапиќ, како што се наведува во обвинителниот акт, ја фати Мичиќ за рака, а потоа ја удри во лицето со тупаница.

Во соопштението на Обвинителството се наведува дека Мичиќ се здоби со скршеница на носната коска и дел од горната вилица, додека со лекарски преглед беа констатирани и повреди на вратот и на десната рака.

Поради ова, Шапиќ се товари за кривично дело нанесување тешка телесна повреда.

Обвинителниот акт е поднесен по сослушување на сведоци, преглед на снимки од безбедносни камери, прибирање медицинска документација, како и добивање наод и мислење од вештак.

Обвинителството предложи судот да го прогласи Шапиќ за виновен и да го осуди на најмалку три години затвор, како и да му изрече заштитна мерка – забрана за приближување до Татјана Мичиќ и каква било комуникација со неа.

Важно е да се нагласи дека станува збор за обвинителен акт, а не за правосилна пресуда.

Судот ќе одлучува за вината на градоначалникот на Белград.

Инцидентот предизвика бурни реакции во јавноста, а Шапиќ се најде под притисок да поднесе оставка или да биде разрешен, особено за време на изборната кампања пред предвремените парламентарни избори во Србија, закажани за 25 октомври.

Градоначалникот на Белград категорично ги отфрли обвинувањата и негираше одговорност. По објавувањето на видеата на социјалните мрежи, кон крајот на септември тој одржа прес-конференција на која ги отфрли тврдењата дека ја повреди опозициската советничка. Тој во неколку наврати повтори дека нема намера да ја напушти функцијата градоначалник.

Како поранешен ватерполист, Шапиќ е член на Претседателството и потпретседател на Главниот одбор на СНС, а од 2024 година е на чело на Белград.

Би можело да ве интересира

Уапсена e Словенка во Белград – на 83 годишен дедо му продаваше хероин

А1он

Изгорен стан во Белград, во ходникот пронајдено тело на 55 годишник

А1он

Деветнаесетгодишник од Македонија осомничен за обид за убиство на Ненад Алајбеговиќ

(ВИДЕО) Хаос во трговскиот центар „Галерија“: Повеќе повредени лица, меѓу кои и деца

Терористот Дарио (18) од Бела Река, кој се водеше како исчезнат, се обиде да убие жандарм во Белград

Горан Наумовски

Терористички напад во Белград во близина на израелската амбасада: Дачиќ прогласи ЦРВЕН степен на опасност од тероризам