Суд во Анкара го осуди Екрем Имамоглу, суспендираниот градоначалник на Истанбул, на казна затвор во траење од две години и еден месец, а истовремено му изрече и забрана за политичко дејствување – што претставува четврта затворска казна изречена против него.
Според агенцијата „Анадолу“, казната му е изречена на Имамоглу поради изборни манипулации, поточно поради вршење незаконско влијание врз гласањето на партиските делегати за време на 38-миот редовен конгрес на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП).
Во истиот случај, уште осум лица добија слични казни, додека тројца обвинети беа ослободени од обвиненијата.
Судот во Анкара првично изрече казни од две години и шест месеци за кривичното дело изборна манипулација, но подоцна ги намали, земајќи ги предвид олеснителните околности.
Обвинетите беа прогласени за виновни за наводно купување гласови од делегати на 38-миот конгрес на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП), одржан на 4 и 5 ноември 2023 година. На тој конгрес, Озгур Озел беше избран за претседател на партијата, победувајќи го дотогашниот лидер, Кемал Киличдароглу.
Според обвинението, на делегатите наводно им биле нудени пари, мобилни телефони и ваучери за купување; дополнително, на некои делегати и на нивни роднини им било ветено вработување во општинските институции, како и кандидатури на локалните избори. Обвинителството тврдеше дека целта била да се обезбеди поддршка за Озел.
За време на судењето, обвинетите ја негираа вината и побараа ослободителни пресуди, тврдејќи дека обвиненијата се неосновани и дека постапката е политички мотивирана.
Имамоглу се наоѓа во притвор од март 2025 година, како дел од истрага за наводна корупција во општинската администрација на Истанбул; опсежното обвинение содржи повеќе точки кои би можеле да резултираат со долга кумулативна затворска казна.
Во септември, тој беше осуден на две години и еден месец затвор поради навреда на поранешниот градоначалник на истанбулската општина Тузла.
Претходно, во јули 2025 година, тој доби казна затвор од една година и осум месеци поради навредување и закани упатени кон тогашниот главен јавен обвинител на Истанбул. Понатаму, во декември 2022 година, тој беше осуден – со првостепена пресуда – на казна затвор во траење од две години, седум месеци и 15 дена, како и на забрана за вршење политичка активност, поради навредување на членови на Централната изборна комисија.
