Уште четворица осомничени во притвор поради смртта на Кристијан Периш

Од:

На барање на обвинителството, Жупанискиот суд во Загреб одреди притвор за уште четворица осомничени во врска со тешкото убиство на Кристијан Јосип Периш (32), пациент на Психијатриската клиника во загрепската населба Јанкомир.

Кристијан Јосип Периш почина на 21 октомври, а неколку дена подоцна беа уапсени четворица медицински техничари. Вчера во притвор беа однесени уште четири лица – лекарка, две медицински сестри и еден техничар; тие биле присутни во болничката соба кога врз лицето на пациентот – кој бил врзан – била ставена перница, при што била употребена и физичка сила.

Се појавија снимки од безбедносните камери на кои се гледа постапувањето кон пациентот, што ја шокираше јавноста во Хрватска и во поширокиот регион.

Обвинителството тврди дека лекарката – која, како што се гледа на снимката, била во собата за време на инцидентот и ја надгледувала медицинската интервенција – не ги спречила четворицата претходно уапсени медицински техничари да постапуваат кон Кристијан Јосип Периш спротивно на професионалните медицински стандарди, при што тие му нанеле повеќе повреди употребувајќи физичка сила.

Понатаму, таа – заедно со две медицински сестри и уште еден техничар – се товари дека „не презела никакви дејствија за да го спречи таквото, опасно по живот, однесување на обвинетите медицински лица кон пациентот, иако можеле и требало да го сторат тоа, а со тоа и да ги спречат последиците за пациентот, кој почина за време на инцидентот“.

Како што пренесуваат хрватските медиуми, ним им е одреден притвор за да се спречи влијание врз сведоците.

Би можело да ве интересира

Нови оставки во хрватската психијатриска болница по смртта на 32-годишниот пациент Кристијан Периш