Вишото јавно обвинителство во Белград најави кривична пријава против српскиот јутубер Богдан Илиќ, попознат како Бака Прасе.
Обвинителството и полицијата соопштија дека по проверките утврдиле дека објавата на неговиот профил на Инстаграм за негово наводно апсење е лажна.
Во објавата се тврдеше дека маскирани лица го одвеле Илиќ и дека бил приведен.
Според обвинителството, Илиќ ѝ објаснил на полицијата дека објавата била дел од подготовките за видео што планирал да го објави на својот канал на Јутјуб.
Од обвинителството велат дека со објавата била предизвикана паника во јавноста.
Најавената кривична пријава за предизвикување паника и нереди ќе биде доставена до Посебното одделение за борба против високотехнолошки криминал во Белград.
