Една година по грабежот на музејот Лувр во Париз, при што беше украден накит во вредност од околу 100 милиони долари, четворицата главни осомничени се во притвор и го чекаат судењето, додека француската полиција сè уште не ги пронајде украдените вредни предмети.
Грабежот се случи на 19 октомври 2025 година, кога крадци, преоблечени како работници и користејќи индустриски алат за сечење, влегоа во музејот и однесоа осум вредни предмети од колекцијата на францускиот кралски и царски накит.
Меѓу украдените предмети имаше накит и брошеви што ѝ припаѓале на царицата Евгенија, сопругата на Наполеон III.
Францускиот претседател Емануел Макрон тогаш го опиша грабежот како напад врз историјата на Франција, пренесува „Франс 24“.
И покрај опсежната истрага, во која беа вклучени околу 100 истражители, украдените предмети сè уште не се пронајдени.
Последната позната трага од накитот е забележана на снимки од надзорни камери во подземна гаража во париското предградие Обервилие, каде што живеат осомничените.
Полицијата изврши претрес во нивните домови, во куќите на членови на нивните семејства, како и во подруми, гаражи и на тавани, но без резултат.
Експертите за пронаоѓање украдени уметнички дела сметаат дека најголеми шанси за враќање на вредните предмети постојат доколку сторителите дејствувале самостојно и го сокриле накитот некаде во околината на Париз.
Кристофер Маринело од приватната агенција „Арт рикавери интернешнел“ (Art Recovery International) смета дека постои можност крадците да го заѕидале или закопале накитот веднаш по грабежот.
Холандскиот истражител за кражби на уметнички дела, Артур Бранд, проценува дека еден од осомничените би можел да ја открие локацијата на вредните предмети во замена за полесна казна.
Сепак, истражителите ја разгледуваат и можноста грабежот да бил извршен по налог на организирана криминална група, на која сторителите ѝ го предале накитот откако го напуштиле музејот.
Двајца од осомничените за време на испрашувањето тврделе дека во организирањето на грабежот бил вклучен уште еден главен организатор, но истражителите, според извор близок до случајот, кон овие тврдења пристапуваат со претпазливост.
Особено загрижувачка е можноста вредните предмети веќе да се расклопени, а дијамантите повторно избрусени за да се отстранат трагите од нивното потекло.
