Манчестер Сити би можело да добие забрана за учество во европските натпреварувања во времетраење од 7 до 10 години, доколку ја изгуби жалбата поврзана со прекршување на финансиските правила.
Оваа информација ја објави колумбискиот спортски новинар и добро упатен извор, Сезар Аугусто Лондоњо, а ја пренесе англискиот портал „Football365“.
УЕФА сè уште нема потврдено дека подготвува ваква казна.
„Според најавите, УЕФА е блиску до донесување одлука според која Манчестер Сити, доколку биде прогласен за виновен и по завршувањето на жалбената постапка, ќе биде исклучен од сите европски натпреварувања во период од седум до десет години. Тоа би значело дека клубот нема да може да настапува во Лигата на шампионите, Лигата на Европа или Конференциската лига“, објави Лондоњо на платформата X.
Станува збор за непотврдена информација. Не е познато дали УЕФА покренала посебна дисциплинска постапка што би можела да доведе до ваква санкција, а исто така се чека и исходот од жалбата на Сити. Евентуална десетгодишна забрана би претставувала една од најтешките казни во историјата на европскиот клупски фудбал.
Манчестер Сити се најде во сериозни проблеми откако независната комисија на Премиер лигата на 29 септември објави дека клубот ги прекршил финансиските правила во текот на девет сезони, од 2009/10 до 2017/18 година.
Комисијата утврди дека Сити користел фиктивни договори за спонзорство за вештачки да ги зголеми приходите и да ги прикрие реалните оперативни трошоци. Исто така, заклучено е дека клубот доставувал неточни финансиски извештаи и ги прекршил финансиските правила на Премиер лигата и на УЕФА.
Утврдено е и дека Сити не соработувал целосно за време на четиригодишната истрага. Англискиот клуб ги отфрла наодите на комисијата и поднесе жалба, тврдејќи дека поседува докази кои ја потврдуваат исправноста на неговото работење.
Доколку жалбата биде одбиена, Сити се соочува со сериозни санкции во Англија. Можните казни вклучуваат високи парични глоби, одземање бодови, забрана за трансфери и исклучување од Премиер лигата.
Конечната санкција сè уште не е објавена.
