Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, по барање на ЈП Национални шуми, даде согласност за продолжување на целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште во периодот од 00.00 до 24:00 часот, на територијата со која стопанисува јавното претпријатие.
Забраната се воведува со оглед на зголемената опасност од појава на шумски пожари на отворен простор, а ќе трае од 1 до 30 септември.
Целосната забрана за движење во шумите и шумското земјиште не важи за Министерството за внатрешни работи, Министерство за одбрана, Шумската полиција, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, – Државниот инспекторат за шумарство и ловство, ЈП Национални шуми, како и за субјектите што вршат шумскостопански активности, шумски работи и заштита на шумите, и лица коишто имаат писмено одобрение за движење во шумите.
Движењето ќе биде дозволено единствено со писмено одобрение издадено од подружниците на ЈП Национални шуми – Скопје за подрачјето со кое стопанисуваат/управуваат.
За спроведување на забраната одговорни се вработените од ЈП Национални шуми кои вршат дејност заштита, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Шумската полиција и МВР.
Од ЈП Национални шуми укажуваат дека за движење низ парк шумите (на пр: Водно) и националните паркови, граѓаните да се информираат кај правните субјекти кои управуваат со овие територии.
