Маркос Родригез Пантоха, Шпанецот кој стана познат како „детето-волк од Сиера Морена“, почина на 81-годишна возраст. Поголемиот дел од детството го помина во оддалечените шпански планини, изолиран од човечкиот контакт и опкружен со дивината.
Пантоха во планините помина цели 12 години, откако уште како дете бил оставен сам на себе по семејна трагедија. Роден е во 1946 година во сиромашно семејство во селото Ањора. По смртта на неговата мајка, браќата и сестрите заминале кај роднини, додека Маркос останал со својот татко.
Кога имал само седум години, татко му го продал на постар овчар, кој го одвел во планините Сиера Морена. Овчарот го научил како да преживува во природата, да молзе кози и да лови зајаци. Кога старецот ненадејно исчезнал, момчето останало целосно само во дивината.
Тогаш започнал неговиот необичен живот со волците. Пантоха постепено стекнал доверба кај еден чопор така што им носел храна на нивните младенчиња. Со текот на времето научил да го препознава нивното однесување и да завива како нив.
За Пантоха, волците со текот на времето станале негово семејство. Тој не ги доживувал како нешто туѓо, туку како суштества со кои можел природно да живее. Кога подоцна бил вратен меѓу луѓето, токму човечкото општество му било необично. Велел дека со волците се чувствувал нормално, додека меѓу луѓето не се чувствувал удобно.
„Најсреќниот живот ми беше оној со волците, бидејќи меѓу луѓето не се чувствував баш удобно“, раскажуваше Пантоха.
Во дивината останал до својата 19-годишна возраст, кога во 1965 година го пронајде шпанската Цивилна гарда. Во тој момент речиси воопшто не знаел како функционира човечкото општество. Не знаел што се пари, имал тешкотии со јазикот и не ги знаел имињата на голем број предмети.
„Не знаев што се пари, но никогаш не ми недостигаше храна. Ако сакав да ловам риба, одев во реката. Ако сакав зајак, ќе го уловев“, раскажувал тој години подоцна.
По враќањето во цивилизацијата, Пантоха живеел извесно време со свештеник, а потоа со калуѓерки во Мадрид. По отслужувањето на воениот рок заминал на Мајорка, каде што работел во хотели и ресторани.
Подоцна го запознал антропологот Габриел Ханер Маниља, кој детално го истражувал неговиот живот. Неговата приказна била објавена во книга, а според неговиот живот бил снимен и филмот „Меѓу волците“.
Во 2001 година Пантоха се населил во малото место Ранте, каде што живеел до крајот на својот живот. Еден локален жител подоцна му подарил куќа, а соседите му помагале, особено во последните две години, кога бил болен.
„Марко во Ранте пристигна со приказна која ја знаеше целиот свет. Заминува, а тука остава приказна која сега е и наша“, порачаа локалните власти по неговата смрт.
Човекот кој како дете научил да живее со волците, а потоа морал повторно да учи како да живее меѓу луѓето, почина на 81 година, оставајќи зад себе една од најнеобичните животни приказни во современа Шпанија.
