Бројот на загинати во нападот на украинските вооружени сили врз туристичкиот центар во Кириловка, во регионот Запорожје, се искачи на 11, вклучително и четири деца, соопшти регионалниот гувернер Евгениј Балицки.
Според него, во нападот се повредени 16 лица, додека по уште осум лица сè уште се трага.
Спасувачките екипи продолжуваат со работа на местото на настанот.
„Сите повредени, во зависност од тежината на повредите, се сместени во здравствени установи во регионот Запорожје“, изјави Балицки на платформата „Икс“, пренесува РБК Русија.
Украина денеска соопшти дека нејзините беспилотни летала погодија руска нафтена платформа во Каспиското Море и рафинерија во Сибир. Истовремено, и Киев и Москва потврдија напади врз бродови за кои тврдат дека превезуваат воен товар.
Погодените енергетски објекти се наоѓаат на оддалеченост од повеќе од 700, односно 2000 километри од украинската територија.
Нападите го потврдуваат сè поголемиот дострел на украинската кампања со беспилотни летала со долг дострел, чија цел е да се ослабат воените капацитети на Русија и Кремљ да се принуди на мировни преговори.
