Судеше на 839 натпревари, беше „пречкртан“ поради Аргентина – сега неговата кариера завршува
Долгогодишниот англиски фудбалски судија Ентони Тејлор објави дека ја завршува својата судиска кариера.
„Делењето правда на елитно ниво беше огромна привилегија, но притисокот е голем, а надзорот е постојан. Сега е вистинското време да се повлечам и да се свртам кон следното поглавје од мојата кариера“, изјави Тејлор, пренесува Би-би-си.
Тејлор ја започна својата судиска кариера во 2002 година. Судеше во Премиер-лигата од 2010 година, додека во 2013 година почна да дели правда и на меѓународни натпревари.

Кариерата ја заврши со вкупно 839 отсудени натпревари. За Македонија останува во сеќавање дека токму Тејлор беше делител на правдата на мечот Грузија – Македонија (0-1) во баражот за пласман на ЕП 2020.
Тој беше главен судија на финалните натпревари во ФА Купот во 2017 и 2020 година, а во 2015 година судеше на финалето на Англискиот лига-куп и на натпреварот за „Комјунити Шилд“.
Исто така, беше главен судија на натпреварот за Европскиот суперкуп во 2020 година и на финалето на Лигата на нации во 2021 година, додека во 2023 година делеше правда на финалните натпревари од Светското клупско првенство и Лигата на Европа.
Делеше правда на Светските првенства во 2022 и 2026 година, како и на Европските првенства во 2020 и 2024 година.
На овогодишното Светско првенство, тој беше главен судија на два натпревари од групната фаза: Узбекистан – Колумбија и Сенегал – Ирак, како и на натпреварот од осминафиналето меѓу Португалија и Шпанија.
Беше во потесниот избор на кандидати за судење на финалето на Светското првенство во 2022 година, но беше „пречкртан“ поради политичките тензии меѓу Англија и финалистите – Аргентина.
