Украинскиот бизнисмен Јермолаев ја обвини украинската воена разузнавачка служба за обидот за атентат

Од:

Украинскиот бизнисмен Вадим Јермолаев денес ја обвини Воената разузнавачка служба на Украина (ГУР) за организирање обид за атентат врз него во Монако, при што тешко беа повредени неговата партнерка и детето.

Во своето прво јавно обраќање по експлозијата во Монако, Јермолаев тврдеше дека зад обидот за атентат, во кој и самиот беше повреден, стојат активни и поранешни припадници на ГУР, пренесува „Гардијан“.

„Врз основа на истражните докази со кои располагаме, немаме сомнеж дека активни припадници на Главната управа за разузнавање при Министерството за одбрана на Украина, позната како ГУР, биле директно вклучени во овој обид за атентат“, изјави Јермолаев во соопштението објавено од неговите адвокати.

Француските истражители ја идентификуваа осомничената за поставување на бомбата како украинската државјанка Анастасија Березовска.

Таа е осомничена дека поставила експлозивна направа на јавно место со намера да изврши кривично дело.

Бомбата експлодирала додека Јермолаев ја напуштал зградата со својата партнерка и нивното 13-годишно дете.

Неколку дена по нападот, Березовска била пронајдена мртва во близина на Киев.

Украинските власти уапсија две лица за нејзиното убиство: Владислав Реут, припадник на ГУР, и поранешниот полицаец Олександр Жикович.

На рочиштето во судот во Киев минатиот четврток, Реут тврдеше дека Жикович е одговорен за убиството на Березовска.

Според обвинителството, двајцата ја принудиле да влезе во автомобилот под закана со оружје, а потоа ја одвеле во шумата во близина на селото Јурив, на околу 60 километри западно од украинскиот главен град, каде што таа била убиена.

Украинските обвинители се обидуваат да го претстават случајот како дело на поединец од разузнавачката служба кој ги пречекорил своите овластувања, тврдејќи дека Реут ги криел контактите со Березовски и дејствувал без знаење или одобрение од раководството на агенцијата, соопштија од агенцијата.

Јермолаев го отфрли таквото објаснување, наведувајќи дека според моментално достапните докази, заговорот не ги вклучувал само непосредните извршители и организатори, туку и активни членови на ГУР поврзани со нив, вклучително и лица блиски до сегашното и поранешното раководство на службата.

Тој рече дека експлозијата била доволно силна за да урне челична ограда и да ги уништи камените скали пред нивната куќа.

„Ова не беше предупредување. Тоа беше обид да бидам убиен не само јас, туку и моето семејство“, рече тој.

Јермолаев додаде дека неговата партнерка Ана се здобила со „катастрофални и неповратни повреди“, додека нивниот син претрпел изгореници, скршеници и други тешки повреди.

„Сè уште сум на одделението за интензивна нега и дури сега го започнувам долгиот процес на закрепнување“, рече тој.

Во 2023 година, Украина воведе санкции против Јермолаев, еден од најбогатите украински бизнисмени, чие богатство списанието „Форбс“ го процени на 220 милиони долари.

Би можело да ве интересира

Зеленски го назначи Евгениј Хмара за нов министер за одбрана

А1он

Зеленски: Украинците имаат право да протестираат дури и за време на војна

А1он

Слуцки: ЕУ ја поттикнува Третата светска војна со снабдување на Украина со оружје

Двајца убиени, а шестмина се повредени во рускиот напад врз Киев

Корецки е нов премиер на Украина

Зеленски го номинира Корецки за премиер на Украина

Горан Наумовски