Калин Ивановски триумфално го заврши настапот на ИТФ турнирот „Македонија Опен“, откако во големото финале во Скопје го совлада Украинецот Орлов со 2-1 во сетови и го подигна шампионскиот пехар.
Македонскиот тенисер одлично го отвори натпреварот и целосно доминираше во првиот сет, кој го доби убедливо со 6-1, дозволувајќи му на противникот да освои само еден гем.
Во вториот сет следуваше пресврт. Орлов го подигна нивото на својата игра, целосно ја презеде иницијативата и израмни на 1-1 во сетови, откако со максимални 6-0 го доби овој дел од мечот.
Сепак, Ивановски покажа шампионски карактер кога беше најпотребно. Со силна поддршка од публиката во Скопје, тој се врати во ритам, одигра сигурно во решавачкиот сет и со 6-2 стигна до заслужената титула.
Ова е уште еден голем успех за македонскиот тенис, откако ден претходно трофејот во конкуренција на двојки го освоија Обрад Марковски и Горазд Србљак.
