(ФОТО) Започна Светското првенство во фудбал

Од:

Со церемонија на стадионот „Ацтека“ во Мексико Сити, вечерва официјално беше отворено Светското првенство во фудбал, кое ќе трае до 19 јули.

Светското првенство во Мексико, САД и Канада е 23-то по ред во историјата. За прв пат, Светското првенство се игра во три држави и 16 градови низ САД, Канада и Мексико.

За прв пат во историјата, на Светското првенство учествуваат рекордни 48 репрезентации, а ќе се одиграат вкупно 104 натпревари.

„Добредојдовте во Мексико. Мексико ве пречекува со насмевки и срца, ние сме нација на различност, наследство, гордост… Фудбалот носи исто чукање на срцето. Тој ги обединува генерациите. Трофејот не го дефинира еден играч или нација, туку сите“, рече официјалниот водител на стадионот во Мексико Сити.

Светската музичка ѕвезда Шакира ја изведе песната „Даи Даи“, која е официјална химна на Светското првенство 2026.

Колумбиската пејачка настапи со атрактивна кореографија и светлосни ефекти пред десетици илјади навивачи на стадионот и милиони гледачи ширум светот.

„Даи Даи“ е официјалната химна на СП 2026 во поддршка на Глобалниот фонд на ФИФА за граѓанско образование, кој има за цел да собере 100 милиони американски долари до крајот на турнирот за да им обезбеди на децата ширум светот пристап до квалитетно образование и фудбалски можности.

Во програмата учествуваа и Бурна Бој, Алехандро Фернандез, Белинда, Дени Оушн, Џ. Балвин, Лила Даунс, Лос Анџелес Азулес, Мана и Тила.

Церемонијата на отворањето на Светското првенство заврши со огномет во боите на знамињата на организаторите на овогодинешното Светско првенство.

Светското првенство има и три маскоти – САД се претставени од орелот Клач, Канада е претставена од еленот Мејпл, а Мексико е претставен од јагуарот Заја.

Официјалната топка на Светското првенство „Трионда“ ги комбинира, како што наведуваат организаторите на Светското првенство, симболиката на трите домаќини и напредната технологија што им помага на судиите во реално време при донесувањето одлуки, означувајќи нов чекор во дигитализацијата на фудбалот.

Првиот натпревар на Светското првенство меѓу Мексико и Јужна Африка на стадионот „Ацтека“ започна во 21:00 часот по средноевропско време во првото коло од групата А.

Би можело да ве интересира

Кои се најголемите фудбалски ѕвезди кои ќе го пропуштат Мундијалот 2026?

А1он

Пиво на стадион за време на фудбалскиот Мундијал ќе чини 18, а шише вода речиси 9 долари

А1он

ВИДЕО: Автобусот на Курасао е вирален хит пред Светското првенство

Катерина Ѓуровски

Четири репрезентации дебитанти на Светското првенство 2026

А1он

По голема драма, Иранците сепак добија виза за САД

А1он

Кој клуб има најмногу претставници на Светското првенство 2026?

А1он