Голем шок ја одбележа пријателската средба меѓу Данска и Украина, откако данскиот репрезентативец Кристијан Ериксен се сруши на теренот во текот на второто полувреме.
Инцидентот предизвика голема загриженост кај играчите, стручните штабови и навивачите, особено ако се земе предвид дека Ериксен пред пет години доживеа срцев удар за време на натпревар од Европското првенство. Тогаш лекарските екипи интервенираа директно на теренот и успеаја да му го спасат животот, по што тој се врати на фудбалските терени во март 2022 година.
🚨 Cristian Eriksen, Ukrayna ile oynadıkları hazırlık maçında yere yığıldı.pic.twitter.com/JweZNMetbe
— TRT Spor (@trtspor) June 7, 2026
Според првичните информации од данските медиуми, Ериксен брзо дошол при свест, а неговата состојба е стабилна.
„Првите информации се дека Ериксен е свесен“, соопштиja од Фудбалската федерација на Данска.
Откако веста се прошири низ стадионот во Оденсе, навивачите го поздравија Ериксен со долг и громогласен аплауз.
Сцените на теренот беа многу емотивни. Данските фудбалери веднаш формираа круг околу својот соиграч додека медицинските тимови му укажуваа помош, а дел од играчите не можеа да ги сокријат солзите.
Подоцна Ериксен, придружуван од сопругата и соиграчите, се упати кон возилото на итната помош кое го напушти стадионот. По консултација со официјалните лица, натпреварот беше прекинат и нема да продолжи.
Иако резултатот остана во втор план, Данска во моментот на прекинот водеше и на крајот беше регистрирана победа од 2-1.
Најважната вест е дека Ериксен е свесен и комуницира, што донесе огромно олеснување кај сите присутни и кај фудбалската јавност ширум светот.
