Службеници на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп извршиле притисок врз владината канцеларија задолжена за печатење пари да дизајнира банкнота од 250 долари со ликот на Трамп, објави денес „Вашингтон пост“, повикувајќи се на двајца поранешни и двајца сегашни вработени во службата.
Весникот наведува дека ова ќе биде прв пат по повеќе од 150 години лице кое е сè уште живо да биде прикажано на американската валута.
Изворите велат дека почнувајќи од минатата година, двајца службеници на Министерството за финансии, државниот благајник Брендон Бич и неговиот виш советник Мајк Браун, постојано ги повикувале вработените во Бирото за гравирање и печатење на агенцијата да подготват прототипови на банкнотата.
Според изворите, овој потег предизвикал загриженост бидејќи федералниот закон моментално дозволува само починати лица да се појавуваат на банкнотите.
Еден од вработените во државната печатница изјави дека во август и септември, Бич им дал на вработените во бирото примероци од дизајни за банкнотата, вклучувајќи еден што го прикажува лицето на Доналд Трамп во центарот на банкнотата од 250 долари помеѓу потписите на претседателот и секретарот за финансии Скот Бесент.
Уметникот кој тврди дека ги дизајнирал шаблоните изјави за американскиот весник дека разговарал со Трамп за тоа.
Британскиот сликар Иан Александар рече дека Трамп ги поддржува промените во неговиот оригинален дизајн, како што се додавањето на боите на американското знаме и лого по повод 250-годишнината од нацијата.
„Тој сака да ме нарекува негов омилен британски уметник“, рече Александар, поранешен пливач и диџеј кој се опишува себеси како портретист на кралицата Елизабета Втора и други познати личности.
Ниту едно лице не се појавило живо на американската валута од 1866 година, кога таа беше забранета откако сликата на среден службеник на Министерството за финансии се појави на банкнотата од 5 центи.
