65,7 милиони евра за Македонија од Планот за раст на ЕУ

Од:

Европската комисија стави на располагање 49 милиони евра за Албанија, 44,2 милиони евра за Црна Гора и 65,7 милиони евра за Македонија како дел од Планот за раст за Западен Балкан.

Трансакциите се извршуваат по третото барање за плаќање и позитивната оценка на Комисијата за спроведените реформски чекори во областите на конкурентноста на претпријатијата и иновациите во Албанија и Црна Гора, како и образованието и дигитализацијата во Македонија, соопшти Европската комисија.

„Планот за раст за Западен Балкан, усвоен во 2023 година, има за цел да ги донесе придобивките од членството на земјите-партнери од регионот дури и пред нивното пристапување кон ЕУ, има за цел да ги интегрира партнерите во единствениот пазар на ЕУ, да ја подобри регионалната економска соработка, да ги продлабочи реформите поврзани со ЕУ и да го зголеми претпристапното финансирање. Ова, пак, го забрзува процесот на проширување и растот на партнерските економии“, потсетуваат во Брисел.

Со денешната исплата, вкупниот износ исплатен во рамките на овој фонд достигнува 212,8 милиони евра за Албанија, 89,3 милиони евра за Црна Гора и 142,1 милиони евра за Македонија.

Европската комисија ги распределува средствата од овој План за раст поединечно на секоја земја, и тоа само кога таа ќе ги исполни специфичните услови од својата „Реформска агенда“, документ во кој се наведени точните реформи на кои земјата се обврзала.

За разлика од Албанија, Црна Гора и Македонија, кои ги исполнија условите за оваа транша, Србија и Босна и Херцеговина беа изоставени во оваа рунда бидејќи сè уште не ги исполнија целосно реформските чекори што беа предуслов за исплата на овие средства.

Србија моментално чека на втората транша во износ од 163,1 милиони евра и третата од 265 милиони.

Средствата за Србија не се трајно изгубени, туку се блокирани додека не се исполнат потребните услови, по што Комисијата може да го одобри плаќањето и за Белград.

Клучниот услов е напредок во областа на владеењето на правото, односно исполнување на препораките на Венецијанската комисија поврзани со таканаречените „Мрдиќеви закони“.

Би можело да ве интересира

Западен Балкан веќе не е чекалница и одбива да биде оставен назад, порача Мицкоски од Самитот во Скопје

Катерина Ѓуровски

Кос: Реформите кои ги бараме задираат во закоравени структури на интереси и на моќ, на лидерите е да ја водат реформата

Лидерска средба ЕУ – Западен Балкан во Скопје, фокус на Планот за раст

Катерина Ѓуровски

Одложена е исплатата од Планот за раст на ЕУ за Македонија и земјите од Западен Балкан