Полицијата во англискиот округ Сари истражува два одделни пријави за сексуална злоупотреба на деца, започнати по објавувањето на документи поврзани со Џефри Епштајн. Во соопштение објавено денес, полицијата изјави дека станува збор за случаи од минатото, пренесува Скај њуз.
Според соопштението за медиумите, истрагата е започната откако Министерството за правда на САД објави досиеја за Епштајн.
„Едниот извештај се однесува на локации во Сари и Беркшир од средината на 1990-тите до 2000 година. Другиот се однесува на средината до крајот на 1980-тите во западен Сари. Досега не се извршени апсења“ – соопшти полицијата.
Тие додадоа дека сериозно ги сфаќаат сите пријави за сексуални престапи и дека ќе работат на утврдување на сите можни линии на истрага со цел да се проверат информациите и да се соберат докази.
Полицијата објави во февруари дека ги проверува своите бази на податоци за постари обвинувања што излегоа на виделина откако беа објавени досиејата.
Епштајн беше осуден сексуален престапник кој со децении одржуваше врски со бројни политичари, бизнисмени и познати личности.
Тој првпат беше под сериозна истрага во средината на 2000-тите за сексуална експлоатација на малолетници во Флорида, но во 2008 година склучи контроверзен договор со обвинителите со кој се избегна федерално гонење и отслужи кратка казна со бројни бенефиции.
Случајот беше повторно отворен во 2019 година, кога беше уапсен под обвинение за трговија со малолетници со цел сексуална експлоатација.
Еден месец по апсењето, тој беше пронајден мртов во затворска ќелија во Њујорк, а официјално беше заклучено дека извршил самоубиство, иако околностите на неговата смрт предизвикаа бројни контроверзии и теории на заговор.
По неговата смрт, истрагите продолжија за мрежа на соработници и луѓе поврзани со неговите криминални активности, вклучувајќи ја и долгогодишната соработничка Гислен Максвел, која беше осудена во 2021 година за помагање и поттикнување на регрутирање и злоупотреба на малолетни девојчиња.
Во тоа време, исто така беше наведено дека полициските сили на национално ниво побарале пристап до нецензурирани верзии на материјалот за целосна проценка. Во најновото соопштение не беа дадени детали за осомничените или природата на обвиненијата.
На 18 февруари, полицијата, исто така, пријави „наводи за трговија со луѓе и сексуален напад“ во Вирџинија Вотер помеѓу 1994 и 1996 година, но во моментов не е познато дали тие случаи се поврзани со новите истраги.
