Продолжува доизградбата на булеварот „Борис Трајковски“, еден од значајните инфраструктурни проекти за подобрување на сообраќајната поврзаност и квалитетот на живот на граѓаните кои гравитираат кон населбата Драчево и околните населени места, во Општина Кисела Вода. Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски најавува дека работите на булеварот, согласно динамиката на работа, би требало да завршат порано од предвиденото. Тој изјави дека конечно после три децении решавањето на булеварот „Борис Трајковски“ стана реалност.
-Се наоѓаме на трасата која се довршува во моментот, а тоа е довршување на дел од булеварот „Борис Трајковски“. Станува збор за околу километар траса каде што во минатото со неверување граѓаните гледаа. Како што кажав 30 години немаше барање на начин од страна на градските власти за да се озвозможи слободен пристап, функционална безбедна траса за граѓаните од Драчево, Зелениково, Студеничани, практично за 100.000 граѓани кои ги врзува овој булевар – рече скопскиот градоначалник.
Вели дека со силна динамика веќе втора недела се работи овде и имаме пробивање на трасата од 88 проценти.
-Останатите 12 проценти – станува збор за уште три или четири објекти во наредните десетина дена ќе бидат пробиени и ќе имаме целосно овозможување на пристап односно почеток на реализација на овој булевар, кој во овој километар опфаќа нова атмосферска канализација, пешачко-велосипедски патеки и, пред се, безбеден коловоз бидејќи ова место во минатото знаеше да важи за една од црните точки во овој регион на Градот Скопје. Откако ќе биде довршен цел овој потег веднаш ќе бидат вградени два слоја на асфалт, ќе следи завршен, трет слој на асфалт којшто ќе го опфати делот од кружниот тек пред влезот на Драчево до Пинтија, или поточно два километри бидејќи едната половина е оставена во минатото во состојба да нема завршен слој – рече градоначалникот Ѓорѓиевски.
Рокот за завршување на работите, како што додаде, е до Нова Година, но следејќи ја динамиката, ако вака продолжи како што е започната компанијата изведувач да работи, мислам дека многу порано од крајот на оваа календарска година ќе стигнеме со реализација.
– Вкупниот износ е два милиони евра за изградба на цел овој потег – рече скопскиот градоначалник.
