Вештачење за „Пулс“: 157 лица со тешки повреди, 65 повредени – меѓу нив и деца

Од:

Обвинителството на денешното рочиште за пожарот во дискотеката “Пулс” во Кочани, презентираше медицинска документација и податоци за повредените кои се јавиле за укажување на медицинска помош по пожарот во кој загинаа 63, а повредени беа над 200 лица.

Во судницата во Идризово, обвинителката Наташа Сарамандова ги презентираше вештачењата за 157 лица со тешки телесни повреди, како и 65 оштетени кои се здобиле со телесни повреди. Од сите повредни во пожарот 20-тина се деца.

Вештачењата на медицинската документација на повредените во пожарот на 16 март 2025 година констатира повреди од штетни гасови и интоксикација, тешки телесни повреди со изгореници на лице, раце, тело и грб од 6% до 30% од вкупната површина на телото, како и изгореници на дишните органи, оштетување на респираторна функција и повреда на дишните органи заради вдишување на јаглерод моноксид.

Дел од повредените се здобиле и со нагмечувања на глава и тело, скршени ребра, инхалаторни повреди заради што била неопходна механичка инхалација, пад на кислородна сатурација до 80%, нагмечни рани на раце и тело, очи и оштетувања и скршеници на градните пршлени.

Одбраната реагираше на изведувањето на доказите дека е само читање на листата на докази, а не читање и изведување на докази.

Претходно Обвинителството ги изведе обдукциските наоди и мислења од Институтот за судска медицина за причините на смртта на жртвите.

Обдукцијата на 59 жртви на пожарот во дискотеката “Пулс” во Кочани покажува дека нивната смрт е насилна и настапила како резултат од труење со јаглероден моноксид.

Кај пет од жртвите, обдукциското мислење од Институтот за судска медицина, исто така, констатира насилна смрт, но која настапила од задушување од притисок врз градниот кош или како резултат на недостаток на воздух и кислород во околната средина. Обдукцијата на три од жртвите кои почнале во текот на лекувањето, исто така, констатира насилна смрт, која настапила поради акутна слабост на белите дробови од интоксикација од јаглероден моноксид, а кај еден поради изгореници од трет степен на главата и телото.

Обвинителството изведе и писмен одговор од Судска медицина, за кој рече, содржи одговори на прашања колкаво присуство во крв е смртоносно и колку брзо настапува смрт при задушување со јаглероден моноксид, потоа кои се специфични и неспецифични индикации и која е разликата меѓу задушување и труење со јаглероден моноксид, како и дали би биле спасени доколу биле подложени на кислородна терапија на местото на настанот и во болниците.

Обвинителството, исто така, предложи на следното рочиште да биде повикано и сослушано вешто лице кое ќе даде одговор на сите дополнителни прашања кои произлегле или произлегуваат од обдукциското мислење.

Судот на почетокот на денешното рочиште информираше дека се уште нема повратна информација за достапноста на едниот сведок, а за останатите двајца се уште не е завршено вештачењето за нивната подготвеност да сведочат, по што одлучи да се продолжи со изведување на материјални докази.

Судењето продолжува на 4 мај, за кога обвинителство треба да го повика и вештото лице од Судска медицина.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Би можело да ве интересира

Одбраната на сопственикот на „Пулс“, повторно побара куќен притвор, родителите жестоко негодуваа

Најголем дел од жртвите во „Пулс“ се задушиле од јаглерод моноксид

Обдукциските наоди на жртвите ќе бидат презентирани на судењето за трагедијата во „Пулс“

Катерина Ѓуровски

Се одложи судењето за деветмината полицајци обвинети за трагедијата во дискотеката „Пулс“

Сведоштво за трагедијата во „Пулс“: Пиротехниката беше поставена опасно блиску до гостите

Драма во судницата на рочиштето за „Пулс“: Повикана беше Брза помош за обвинетиот Дејан Јованов-Деко

Горан Наумовски