Францускиот претседател Емануел Макрон и полскиот премиер Доналд Туск се согласија денес во Гдањск дека блокадата на Ормутскиот теснец е грешка од двете страни и дека се неопходни дипломатски напори од сите, вклучително и од Европа, за деескалација на конфликтот на Блискиот Исток и слободен премин низ теснецот за меѓународната пловидба.
„Поради одлуката на САД да ги блокира иранските пристаништа во Ормутскиот теснец, Иранците ја променија својата одлука. Мислам дека тоа е грешка од двете страни. Мислам дека ситуацијата што постоеше во петокот требаше да се почитува. Се обидуваме да ја смириме ситуацијата со дипломатски акции“, рече Макрон на заедничката прес-конференција со Туск, на прославата на Денот на француско-полското пријателство во тоа балтичко пристаниште.
Францускиот претседател изјави дека во последните недели неколку пати разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за војната на Блискиот Исток и дека во моментов не гледа потреба да го повика, но дека од првиот ден од војната меѓу Израел и САД со Иран, Франција не го променила својот став и цврсто стои зад своите партнери од регионот на Персискиот Залив со кои има договори за одбрана.
„Преземаме многу конкретни чекори за да ги заштитиме и се обидуваме да работиме на деескалација на конфликтот кога станува збор за прашањето на нуклеарната програма, балистичките ракети, дестабилизацијата на регионот и слободата на поморската пловидба. Имаме средства во кои се ангажирани различни страни и го правиме тоа од првиот ден од конфликтот“, рече францускиот претседател.
