Дводневниот штрајк на пилотите на Луфтханза веќе предизвика бројни откажувања на летови уште првиот ден, но компанијата, благодарение на вонредниот распоред на летови, успеа да реализира 50 проценти од интерконтиненталните летови, објави денеска Луфтханза.
„Луфтханза работи со полн капацитет за да ги намали последиците од штрајкот за своите патници“, објави менаџментот на компанијата.
Одржувањето на две третини од континенталните и 50 проценти од интерконтиненталните летови беше постигнато со пренасочување на врските кон компании во рамките на групацијата Луфтханза, како што се Austrian Airlines, Swiss или Ita Airways.
И покрај ова, откажани се повеќе од 700 летови, главно во центрите на Луфтханза во Франкфурт и Минхен.
Дводневниот штрајк, кој започна во понеделник на полноќ и треба да трае до крајот на вторник, го свика синдикатот на пилотите, Здружението на пилотите „Кокпит“.
Со штрајкот, синдикатот сака да добие повисоки исплати на третиот пензиски столб од работодавачот, со кого преговара за колективен договор.
Пилотите на групацијата „Луфтханза“, во која е вклучена и компанијата „Еуровингс“, чии пилоти штрајкуваат само во понеделник, се поканети да учествуваат во штрајкот.
„Луфтханза“ остро го критикуваше штрајкот и ги опиша барањата на синдикатот како „целосно претерани и нереални“.
„Синдикатот бара двојно зголемување на веќе над просечните исплати на пензискиот систем“, соопшти „Луфтханза“.
Сегашниот штрајк на пилотите е трет откако е во тек оваа рунда преговори за колективниот договор.
