Тренерот на кошаркарскиот тим на Милвоки, Док Риверс, навести дека ќе ја напушти функцијата кога ќе заврши бурната сезона на Бакс.
„Нема да одговорам на тоа, но имам внуци кои сакам да ги видам. Ќе го кажам вака и ќе ви дозволам да одлучите“, рече Риверс кога беше прашан за неговата иднина пред синоќешниот натпревар помеѓу Милвоки и Бруклин.
„Имам седум внуци и сите имаат осум години и помалку. Ме убива секој пат кога ќе пропуштам нешто… Веројатно е време да видам повеќе од нив. Ќе ви дозволам да одлучите за останатото“, додаде 64-годишниот Риверс.
Риверс е активниот тренер со најмногу победи во НБА и шести на листата на сите времиња.
Само Грег Попович, Дон Нелсон, Лени Вилкенс, Џери Слоун и Пет Рајли имаат повеќе победи како тренер од Риверс, кој освои титула во НБА како тренер на Бостон во 2008 година.
Милвоки влезе во сезоната со шампионски амбиции, но повредите ги попречија тие планови. Тие не се меѓу првите осум тима во Источната конференција од средината на ноември, а моментално се на 11-то место со резултат од 31/48.
Јанис Адетокунбо одигра само 36 натпревари оваа сезона, убедливо најмалку во неговата НБА кариера. Постојаните шпекулации за неговата иднина го вознемируваат Риверс веќе некое време, што го натера минатата недела да каже дека е уморен од постојано одговарање на прашања за односот на Адетокунбо со клубот.
„Тешкиот дел од сето ова е што јас сум во средината и немам никаква врска со тоа. Тренерите не одлучуваат ништо. Но, проблемот со нашата лига е што тренерите се тие што седат напред, ние мора да седиме тука и да одговараме на овие прашања“, рече Риверс.
