Вилата на светската поп-ѕвезда Ријана во Беверли Хилс била погодена од истрели од огнено оружје, соопшти полицијата во Лос Анџелес.
Според информациите, полицијата реагирала по пријава за пукање во 13:15 часот по локално време во неделата. На местото на настанот биле пронајдени чаури од автоматска пушка, а набргу потоа била уапсена осомничена.
Полициски извор за „CBS News“ изјавил дека куќата кон која било пукано ѝ припаѓа на Ријана. За среќа, во инцидентот нема повредени, иако пејачката во моментот се наоѓала во вилата, објави „Los Angeles Times“.
Според полицијата, осомничената – жена во триесеттите години – застанала со автомобил пред куќата и испукала седум куршуми, по што побегнала со возилото.
Нејзиниот автомобил бил пронајден на околу 12 километри од домот на пејачката, по што жената била приведена. Засега нејзиниот идентитет не е јавно објавен.
Ријана, која потекнува од Барбадос и чие вистинско име е Робин Фенти, минатата година го доби своето трето дете – ќерка, со партнерот Ејсап Роки. Двојката веќе има два сина, Рајот и Риза, како и ќерка по име Роки Ајриш.
Во февруари годинава, Роки беше ослободен од обвиненијата на судење на кое беше обвинет дека пукал кон поранешен пријател. Тогаш Ријана се појави во судницата заедно со нивните двајца синови.
Пејачката се прослави во раните 2000-ти со хитови како „Pon de Replay“ и „Umbrella“, а неодамна одбележа 20 години од излегувањето на својот прв албум.
Покрај музичката кариера, Ријана изгради и успешна деловна империја, вклучувајќи го брендот за козметика „Fenty Beauty“ и линија за долна облека. Според проценките на списанието „Forbes“, нејзиното богатство надминува една милијарда долари.
Од тимот на пејачката засега нема официјален коментар за инцидентот.
