Членот на извршниот одбор на Комитетот за мир, Марк Роуан, денес го презентираше планот за реконструкција на Газа, кој предвидува изградба на 100.000 куќи во јужниот град Рафа, од кои би започнала реконструкцијата на палестинската енклава, додека претседателот на Светската банка, Аџај Банга, најави основање на Фонд за реконструкција и развој на Газа.
Роуан, кој е и извршен директор на компанијата „Аполо Глобал Менаџмент“, рече дека во почетната фаза е планирано да се изградат 100.000 домови за 500.000 жители, односно околу една четвртина од населението на Газа, со инвестиција од пет милијарди долари во инфраструктура, пренесува АП. Тој изјави дека со текот на времето е планирано да се изградат дополнителни 400.000 домови низ Газа, заедно со инфраструктурни проекти вредни 30 милијарди долари, но не прецизираше кога би можеле да започнат работите.
„Ова не е проблем на пари или безбедност. Ова е проблем на мирот“, рече Роуан.
На првиот состанок на Комитетот за мир беше прикажано видео, во кое се наведува дека целта е целосна реконструкција на Рафа во рок од три години. Според презентацијата подготвена од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, Газа би била „поврзана со светот преку Авраамовиот премин“, што би ја поврзало со Египет, Израел, Јордан, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, како и со Индија и Европа.
Во видео пораката се додава дека до десеттата година Газа би била самоуправна, регионално интегрирана и со развиена индустрија и станбени објекти за сите жители.
Претседателот на Светската банка, Аџај Банга, изјави дека институцијата го иницирала основањето на Фондот за обнова и развој на Газа во Светската банка, кој ќе управува со придонесите до Комитетот за мир. Тој истакна дека средствата ќе бидат управувани транспарентно и насочени кон промоција на мирот и одржливиот развој.
Мнозинството претставници на земјите од Блискиот Исток во Комитетот за мир денес ја истакнаа својата поддршка за решението со две држави како основа за траен мир меѓу Израел и Палестина, додека израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, не го спомена тој модел во своето обраќање, но ја нагласи потребата од разоружување на Хамас и демилитаризација на Газа.
Сар поголемиот дел од својата презентација ја посвети на потсетување на нападот од 7 октомври 2023 година и насилството што го претрпе Израел во тоа време, барајќи разоружување на Хамас и палестинскиот исламски џихад, демилитаризација на Појасот Газа и, како што изјави, „дерадикализација на палестинското општество“.
„Народот на Газа живее под терористички режим со децении. Народот на Газа мора да биде ослободен од овие терористи“, рече Сар.
