Поранешниот командант на украинската армија – Валериј Залужни првпат јавно проговори за сериозниот конфликт со претседателот Володимир Зеленски, откривајќи детали што досега не беа познати на јавноста.
Во интервју за Асошиејтед Прес, Залужни отворено го обвини Зеленски за неуспехот на големата украинска контраофанзива во 2023 година и потврди дека нивните односи се длабоко нарушени уште од првата година од руската инвазија.
Залужни, кој беше отстранет од функцијата врховен командант на почетокот на 2024 година, а потоа беше назначен за амбасадор на Украина во Велика Британија, рече дека тензиите меѓу него и претседателот започнале веднаш по почетокот на војната, кулминирајќи кон крајот на 2022 година кога агенти на Службата за безбедност на Украина (SBU) извршија рација во неговата канцеларија во Киев.
Според него, инцидентот се случи една вечер во септември 2022 година, во време кога украинската армија успешно напредувала на североистокот на земјата. По напнатиот состанок во претседателското седиште, Залужни се вратил во својата канцеларија, само за неколку часа подоцна да се појават десетици агенти на СБУ со намера да извршат претрес. Во тој момент во просториите биле присутни и британски офицери.
Залужни тврди дека агентите не му објасниле што бараат и дека им го одбил пристапот до документи и компјутери. Упадот бил сфатен како отворена закана и обид за заплашување. Како што рече, веднаш го повикал тогашниот шеф на претседателската канцеларија, Андреј Јермак, и му рекол дека е подготвен да ја употреби војската за да го заштити командниот центар.
„Му реков на Јермак дека ќе се спротивставам на таа инвазија бидејќи знам како да се борам“, рече Залужни.
Додаде дека предупредил дека веќе повикал засилување во центарот на Киев.
Најголемиот конфликт избувна околу планот за контраофанзива во 2023 година, кој на крајот не успеа. Залужни тврди дека оригиналниот план, развиен со помош на партнерите од НАТО, вклучувал концентрација на сили во еден правец – кон Запорожје и Азовското Море – со цел да се пресече копнениот коридор што Русија го користи за снабдување на Крим.
Според него, успехот барал голема концентрација на армијата и елемент на изненадување. Наместо тоа, тврди тој, силите биле дисперзирани по широк фронт, што „ја разводнило ударната моќ“ на украинската армија.
Тој верува дека Зеленски и дел од политичката елита не ги обезбедиле потребните ресурси и не поддржале стратегија што можела да донесе одлучувачки резултат.
Двајца западни одбранбени претставници, кои анонимно разговарале со АП, потврдиле дека имало сериозен спор околу распределбата на силите и дека имало сомнежи за одржливоста на конечниот план.
Во февруари 2024 година, Зеленски го отстрани Залужни од функцијата командант на армијата, и покрај неговата голема популарност во јавноста, и го испрати на функцијата амбасадор во Лондон. Тој потег многумина го протолкуваа како обид да се отстрани потенцијалниот политички ривал од центарот на настаните и да се ограничи неговото влијание.
Иако Залужни одбива отворено да зборува за своите претседателски амбиции и тврди дека не сака да го наруши националното единство за време на војната, неговиот јавен настап во политичките кругови се толкува како сигнал за можна кандидатура по завршувањето на конфликтот.
Анкетите покажуваат дека во хипотетичка претседателска трка, Залужни би имал мала предност.
Според неодамнешната анкета на агенцијата Ипсос, тој би бил поддржан од 23 проценти од гласачите, додека Зеленски би добил 20 проценти.
Залужњи наведува дека двапати разговарал со Зеленски по промената и дека разговорите биле „апсолутно пријателски“.
