Претседателот на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА), Александар Чеферин, денес изјави дека ставот на УЕФА за суспензијата на Русија од меѓународните натпреварувања не е променет, откако првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино, неодамна објави дека поддржува ублажување на забраната.
Зборувајќи на Конгресот на УЕФА во Брисел, Чеферин рече дека ставот на УЕФА е јасен и дека засега нема промени, но дека ситуацијата континуирано се следи.
„Ставот на УЕФА е јасен и не е променет, но ние ги разгледуваме сите околности секој ден“, рече Чеферин, според АФП.
Во 2022 година, УЕФА ја суспендираше Русија од сите клупски и репрезентативни натпреварувања по инвазијата на Украина.
Русија со тоа беше исфрлена од квалификациите за Светското првенство во Катар истата година, не учествуваше во квалификациите за Европското првенство во 2024 година, ниту во квалификациите за претстојното Светско првенство во Северна Америка.
Во меѓувреме, Меѓународниот олимписки комитет им препорача на спортските федерации да им дозволат на руските тимови да се натпреваруваат на младинско ниво. Инфантино на почетокот на месецот изјави дека забраната „не постигнала ништо“ и дека треба да се разгледа враќањето на Русија на меѓународните натпреварувања.
„Мораме да размислиме за повторно примање на Русија. Дефинитивно. Оваа забрана не постигна ништо, само создаде поголема фрустрација и омраза. Руските девојки и момчиња да играат фудбал во други делови од Европа би можело да помогне“, рече Инфантино.
Неговите изјави предизвикаа остри реакции во Украина, од каде што беше кажано дека забраната треба да остане на сила „сè додека Русите продолжуваат да убиваат Украинци“.
