Тениската легенда Рафаел Надал повторно е во центарот на вниманието откако одговори на изјавата на Патрик Муратоглу, кој во анализа се обиде да ги издвои Карлос Алкараз и Јаник Синер, повлекувајќи паралела со ерата на „големата тројка“.
Шпанецот веднаш нагласи дека не сака да ја продлабочува контроверзноста, но јасно стави до знаење дека не се согласува со начинот на кој е направена споредбата.
„Не гледам никаква контроверзност, ниту сакам да создадам таква, но мислам дека анализата не е точна. Тоа е како да го споредувате денешниот Меси со оној од Барселона или Кристијано Роналдо сега со верзијата од Реал Мадрид“, рече Надал.
Тој истакна дека времето и резултатите се единствениот вистински суд за големината на играчот.
„Секој ја гради својата кариера и никогаш не реков дека некој е подобар или полош. На крајот, бројките и времетраењето ќе покажат кој каде е. Сите тие се извонредни амбасадори на тенисот. Треба да бидеме среќни што го имаме Новак, кој е сè уште на врвот дури и по толку години. Да го имаме Карлос е исто така благослов, тој го претставува нашиот спорт низ целиот свет и го крева на неверојатно ниво. Од нас зависи да уживаме во тоа“ – порача шпанскиот ас.
Зборувајќи за Новак Ѓоковиќ, кој дури и на 39 години успева да се бори за најголемите трофеи, Надал не го криеше своето почитување.
„Не верувам дека тенисот би се променил фундаментално ако Новак го освои 25-от Гренд Слем. Не е прашање дали е тоа добро или лошо за спортот. Тој има неверојатна кариера зад себе и таа сè уште трае бидејќи сè уште има квалитет да се натпреварува на највисоко ниво. Имаше шанса и во Мелбурн, а во оваа фаза од кариерата навистина нема многу години пред себе. Сè што постигнува сега е навистина за восхит“, заклучи Надал.
