Сопственикот на швајцарскиот бар што изгоре на Нова Година ќе биде ослободен од притвор по плаќањето на кауцијата, објави денес надлежниот суд.
Во трагичниот пожар загинаа 40 лица, а повеќе од 100 се повредени, пишува Ројтерс.
Жак Морети и неговата сопруга Џесика се под истрага поради сомнение за сторени повеќе кривични дела, вклучително и убиство од небрежност.
Морети беше приведен на 9 јануари поради ризик од бегство. Двајцата изразија жалење за трагедијата и ветија дека ќе соработуваат со обвинителството.
Судот одреди кауција во износ од 200.000 швајцарски франци (околу 253.000 американски долари) и обврска за секојдневно јавување во полициската станица како мерки за спречување на бегство, според соопштението за медиумите.
Швајцарските обвинители претходно денес објавија дека спровеле две сослушувања со сопствениците на барот, кои во моментов се единствените осомничени во случајот.
Секое сослушување траело повеќе од десет часа и вклучувало прашања поврзани со безбедноста и реновирањето на барот „Le Constellation“.
Обвинителството објави дека се наредени и претреси, собрани се докази и запленети се имоти.