Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, денес повторно ги повика жителите да размислат за евакуација поради руските напади врз системите за греење на градот. Тој објави на социјалните мрежи дека по нападите на 9 и 20 јануари, речиси 2.000 станбени згради во главниот град сè уште се без греење, пренесува Ројтерс.
„Да бидам искрен: ова е исклучително тешка ситуација и може да се влоши“, напиша Кличко, советувајќи ги луѓето да се снабдат со залихи.
„Ако некој може да го напушти градот и да се пресели некаде со електрична енергија и греење, не ја исклучувајте таа опција“ рече Кличко
Тој додаде дека низ целиот град, каде што температурите се движат околу -10°C, се воспоставуваат таканаречени „точки на отпор“.
Европската унија ќе испрати 447 генератори за итни случаи во Украина за да му помогне на населението кое остана без греење на ниски температури поради руските напади.
Европската комисија објави дека генераторите, во вредност од 3,7 милиони евра, ќе бидат мобилизирани од стратешките резерви на ЕУ што се наоѓаат во Полска.
Уредите треба да бидат дистрибуирани до најпогодените заедници од страна на украинското Министерство за развој на заедниците и териториите, во соработка со украинскиот Црвен крст.
Русија изврши моќни ракетни и беспилотни напади врз енергетската инфраструктура, предизвикувајќи илјадници луѓе во Киев и другите градови да се соочат со продолжени прекини на електричната енергија. Многу жители останаа без греење и се принудени да се греат во специјално организирани шатори.
Кличко пред два дена изјави дека повеќе од половина милион луѓе го напуштиле украинскиот главен град откако ги повика жителите привремено да се преселат поради руските напади врз клучните енергетски објекти.
Според него, околу 600.000 луѓе го послушале повикот од 9 јануари откако нападите со беспилотни летала и ракети ги прекинаа електричната енергија, водата и греењето во големи делови од градот, додека температурите паднаа на минус 20 степени Целзиусови, пренесува АФП.